Јас не можам партнерката ни за раце да ја држам, на пример, ни да ја носам со мене, додека другите слободно си шетаат. Како ЛГБТ активисти, ние сме означени во општеството. На речиси секој чекор сме нападнати и онеправдани – и во банка, но и на граница каде во пасошот ни бараат печат во графата за трансродови лица, изјави денеска Биљана Гинова, ко-претседавач на ЕРА, на регионалната конференција за Унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата во Македонија, која се одржува во Скопје.
– Во времето кога ја основавме ЕРА како мрежа, кога разговаравме дека вмрежувањето на невладините мора да оди паралелно со вмрежувањто на владите при унапредувањето на пристапот до права за ЛГБТИ луѓето во земјава владееше трансфобичен период видете каде сме денес – рече Гинова и ги повика граѓаните, поддржувачите, в сабота гордо да маршираат, со што ќе се спротивстават на дискриминацијата.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска истакна:
– Свесни сме дека сѐ уште се потребни значителни напори за спротивставување на нетолеранцијата кон ЛГБТИ заедницата. Позитивните промени можеме да ги донесеме само заедно, бидејќи секој од нас има улога и општествена одговорност. Токму како резултат на оваа конференција ќе имаме акциски план за унапредување на правата на ЛГБТИ и на национално и регионално ниво, кој ќе го користиме за носење на Стратегија за надминување на хомофобијата и трансфобијата – рече Царовска, која ќе учествува на Парадата в сабота.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека е убеден оти од огромна важност е да се допре до секој поединец во преиспитување на предрасудите, на штетните застарени практики и поведенија, на дискриминацијата по било кој основ, вклучително и по основ на сексуалната ориентација на луѓето.
Венко Филипче, министер за здравство, нагласи дека здравствените работници треба да осигурат дека секое лице во секое време ќе добие соодветна здравствена заштита, без никаква дискриминација.