Биљана Гинова: Министерството за здравство да ги вклучи сите жители на оваа држава во здравствениот систем

Мене навистина ми е жал што министерот ја повлече изјавата за операциите за прилагодување на полот со родот да се дел од Фондот за здравствено осигурување, затоа што овие медицински услуги се здравствена потреба и имаат навистина незначителен дел од буџетот за здравство, реагира Биљана Гинова, ко-претседавач на ЕРА,

797

Пристапот до бесплатно и квалитетно здравство е универзално човеково право. Владите на сите држави мора да го обезбедат тоа право за сите свои жители, без разлика на нивната етничка припадност, возраст, род, сексуалност или родов идентитет. Мене навистина ми е жал што министерот ја повлече изјавата за операциите за прилагодување на полот со родот да се дел од Фондот за здравствено осигурување, затоа што овие медицински услуги се здравствена потреба и имаат навистина незначителен дел од буџетот за здравство, реагира Биљана Гинова, ко-претседавач на ЕРА, откако синоќа министерот за здравство, Венко Филипче, само неколку часа откако најави дека операциите за промена на полот ќе се вршат на товар на Фондот за здравство и на Клиниката за детска хирургија, се пишмани и ја повлече изјавата.

Министерството за здравство доцна синоќа соопшти дека овие операции нема да бидат на товар на Фондот за здравство, ниту ќе се изведуваат на Клиниката која беше посочена, а каде според првите најави требаше да ги изведува проф. д-р Мирослав Ѓорѓевиќ, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија од Белград. 

Во јавноста и на социјалните мрежи вчера имаше бурни реакции по најавата дека овие операции, кои според Фондот чинат околу 15.000 евра, ќе бидат бесплатни за граѓаните, со пораки зошто нема доволно пари за лекување во странство, како и за  лекови и за дел други здравствени услуги, што е и најверојатната причина за радикалната промена на ставот на здравствените власти.

– И сакам да потсетам дека, покрај тоа што пристапот до медицинските зафати за прилагодување на полот со родот е универзално човеково право, тоа е вклучено и во Препораките на Совет на Европа, во Резолуциите на Европскиот парламент и секако тоа е дел од праксата на Европскиот суд за човекови права. Па оттаму, повикувам, Министерството за здравство во наредниот период да ги примени овие препораки и да ги вклучи сите жители на оваа држава во здравствениот систем – нагласува Гинова. 

Министерот за здравство Венко Фииппче вели дека станува збор за соработка со врвен експерт од Србија кој што работи во многу земји во светот и е експерт во областа на детската урологија.

– Има еден стручен аспект, голем број на деца ги праќавме да се лекуваат во странство кај него и за тоа плаќавме огромни суми на пари. Ние направивме договор со Клиниката за детската хирургија и овој професор од Србија, стана вонреден професор на нашиот медицински факултет. Се со цел тие децата да не се праќаат во странство, туку тој да работи кај нас, да работи со нашите лекари и тие ја ја надоградуваат својата експертиза но и пациентите да останат тука во кај нас. Впрочем тоа го правиме и во другите специјалности, кардиохирургијата така функционира, сега очекуваме да дојде експерт од Германија за детска трансплантација од обаста на хематологијата. А, другиот аспект, гледајќи од призмата на вчерашната конференција за ЛГБТ, имаше многу реакции во јавноста и тоа беше причина зошто на некој начин ретериравме. Меѓутоа сакам да објаснам дека не станува за голем број пациенти, туку само за еден човек, кој со години талка низ лавиринтите барајќи помош од повеќе специјалности. Станува збор за комплексен проблем, не е работа која може да се реши за ден. Многу сериозни земји го разгледуваат овој проблем, приоѓаат кон градење на  стратегија оти тоа е навистина медицински проблем. Но, ќе потенцирам дека навистина имаше големи реакции во јавноста, ние сме демократи, ги прифаќаме, сметаме дека е легитимно да ретерираме и тоа беше причината – вели министерот за здравство Венко Филипче.

Во речиси сите европски земји, дури и во Турција каде нема закон за правно препознавање на родот, имаат пристап до овие здравствени услуги.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...