Биљали: Во нормален избирачки список, 600.000 гласачи ќе значеше и цензус

1320

Причината што не се постигна законскиот цензус на референдумот се миграциите и непрочистениот избирачки список, коментираат Алберт Муслиу и Мерсел Биљали за Плусинфо. Но, тие се оптимисти дека во следната фаза преку Собранието постои можност да се изгласаат уставните измени произлезени од Договорот со соседна Грција, со цел Македонија да стане членка во НАТО и да почне преговори за членство со ЕУ.

– Гласачкото мнозинство ќе проба целиот процес да го реализира, да го започне преку Парламентот, јас не сум од тие кои се скептични дека тоа е невозможно. Мислам дека самиот факт што ВМРО-ДПМНЕ до последниот ден немаше јасен став, укажува на тоа дека во ВМРО-ДПМНЕ има и опречни размислувања. Тие не се на копче, имаат слобода на размислување. Верувам дека ќе се најде тој мал број кој е потребен, да се формира мнозинството од 80 пратеници – коментира аналитичарот Алберт Муслиу за Плусинфо, за вчерашниот референдум.

Причината што не се постигна законскиот цензус на референдумот, според него, се миграциите. Не може, вели, од избори на избори да се правиме наудрени дека нема такво нешто.

– Вчера зедов податок за Гостивар, таму гласале 26 илјади за разлика од 31 илјада што гласале на претходните избори. Значи, фалат тие 5 илјади од ВМРО кои се стандардни гласачи. Излезеноста не е ниту мала, ниту голема. Иста е како што била и порано – вели Муслиу.

Кај албанските гласачи, Муслиу смета дека причината за недоволно излегување не била поради бојкот, ами поради тоа што тие не се во државата.

– Тие што се тука, сите гласале. Оние што се во странство можат да гласаат, ама треба да патуваат по 600 километри, прво за да се пријават да гласаат, а потоа за да гласаат. Можеби ова ќе им биде поука на институциите да ги изменат методите за да им олеснат на нашите граѓани да гласаат. Ако си во Њујорк, треба да одиш во Детроит за да гласаш, а има некои од Њујорк што никогаш не отишле во Детроит бидејќи нема што да прават таму. Далеку е – тврди Муслиу.

Според него, бројката на излезност е таа која ја претпоставувале и пред референдумот.

– Помеѓу 550 и 650 илјади велевме дека би биле „за“ – додава тој.

За коментар околу вчерашниот референдум, се обративме и до професор д-р Мерсел Биљали.

– Мислам дека избирачкиот список е неисчистен, бидејќи реално тука немаме повеќе од милион и сто илјади гласачи. Во евиденција имаме милион и осумстотини. Нема шанси, колкаво и да е расположението да се постигне толкав цензус. Последниве 6-7 месеци од Македонија се заминати најмалку уште 200-250 илјади луѓе кои нашле работа надвор. Тоа е сериозен проблем. Ова што се покажува како резултат, над 600 илјади гласови „за”, во еден нормален избирачки список, тоа ќе значеше и цензус. Целиот потенцијал што го имаме тука, според мене, е солидна излезност на луѓето и солидна поддршка за евроатлантските интеграции. Мислам дека тоа е добра основа да се продолжи понатаму – смета Биљали.

Тој верува дека мал број луѓе од албанскиот блок не излегле на гласање, а другите биле надвор од државата.

– Дури и фиктивни гласачи сѐ уште фигурираат во избирачкиот список. Мора комплетно да се смени таа законска регулација. На пример, може со електронско гласање со шифра да се даде можност секој да гласа од крајот на светот. Пресметување на цензусот треба да биде на соодветно ефективните гласачи кои се во државата – вели тој.

Биљали додаде дека тоа што го прогласува опозицијата како „победа со бојкот“, според него, било трка со еден коњ.

– Кога имате трка со еден коњ, а едниот се откажува поради милион оправдувања, тогаш немаме трка – заврши Биљали.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...