Производот Вигорикс Интенс не е лек, туку додаток во исхрана, а ослободувањето на кофеинот се врши многу поспоро отколку при консумација на шоља кафе, што го прави и неговиот првичен ефект значително помал. Од тој аспект, овој производ не може да се споредува со енергетски пијалок, а за кој од Ректоратот ни беше одобрено промотивно да го делиме, а од Агенцијата за храна имаме одобрение за овој производ, кој не е лек, туку додаток во исхрана – тврдат од Бионика Фармацеутикалс, Скопје.
Од оваа компанија изразија жалење за недоразбирањата кои настанаа во јавноста поврзани со местото на одржување на промоцијата – кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во јавноста се крена прашина откако на студентите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје вчера им биле промотивно делени таблети за концентрација од вработени во Бионика Фармацеутикалс.
Дел од родителите, но и други граѓани, на социјалните мрежи реагираа зошто на студентите на факултетите им се делат вакви таблети, зошто тоа не се прави во аптека, а имаше и прашања дали и колку овие препарати се опасни по здравјето.
Од Бионика Фармацеутикалс, Скопје, уште вчера изјавија дека ги имаат сите дозволи за промоција на овој производ, кој, како што тврдат, не е лек, туку во Агенција за храна и ветеринарство бил регистриран како додаток во исхраната.
Местото за промоција одредено според целната група на корисници
– Местото за промоција на производот беше одредено според целната група на корисници која е наведена и во упаството за користење, а тоа се возрасни лица. Студентите се возрасна група на корисници. Производот е категоризиран како додаток на исхрана и како таков е слободен за продажба на сите места, затоа неговата продажба не е задолжителна само во аптеките. Во земјите каде индустријата и пазарот на додатоци на исхрана е поразвиена, овој тип на производи најчесто се продава во супермаркети и продавници за стока за широка потрошувачка. Промоцијата на производот Вигорикс Интенс, кој не преставува лек туку додаток на исхрана, е одржана со официјално одобрување од Управата на ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од 17. септември годинава. За промоцијата беа ангажирани стручни лица, доктори и фармацевти, вработени во компанијата – соопштија денеска од Бионика Фармацеутикалс, Скопје.
Од оваа компанија појаснуваат дека од Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија и Агенцијата за храна и ветеринарство издале мислење дека додатокот на исхрана – Вигорикс Интенс е во согласност со пропишаните барања за безбедност на храната и може да се стави во промет.
Не можело да се споредува со енергетски пијалок
Во врска со тоа што една од состојките во овие таблети е гуарана, па, колку за споредба, дали тие можеби делуваат и како енергетски напиток, од оваа компанија појаснуваат:
– Гвараната во Вигорикс Интенс содржи 8,75 mg кофеин во една капсула или вкупно 119 Mg кофеин во една капсула, вклучувајќи ги и останатите состојки. За пошироката јавност, вкупното количеството од 119 mg е еднак на кофеинот што го содржи една шолја кафе. Оваа концентрација е многу помала од максималната дневна доза пропишана од Европската агенција за безбедност на храна и македонската Агенција за храна и ветеринарство која изнесува 200mg кофеин дневно. Кај овој производ ослободувањето на кофеинот се врши много поспоро отколку при консумација на шоља кафе, што го прави и неговиот првичен ефект значичително помал. Од тој аспект, Вигорикс Интенс не може да се споредува со енергетски пијалок – нагласуваат од Бионика Фармацеутикалс, Скопје.
Агенција за храна и ветеринарство: Како ќе се дистрибуцира додатокот на храна, решава операторот
Каков ќе биде начинот на дистрибуцијата (во конкретниот случај додаток на храна) го дефинира операторот со храна. Презентирањето на храна и на додатоците во исхраната, треба да е во согласност со Законот за безбедност на храната, и истиот треба да обезбеди информации за потрошувачите. Означувањето треба да е лесно разбирливо, во согласност со декларацијата на производот, упатството за употреба и начинот на чување и не смее да ги доведува потрошувачите во заблуда, изјавија денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство.
-Додатоци на исхрана се прехранбени производи чија цел е да ја дополнуваат нормалната исхрана и кои се концентрирани извори на нутриенси или други супстанции со нутритивен или физиолошки ефект. Операторот со храна може да произведува и да стави во промет додатоци на исхрана само по претходно издадено мислење за производот од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство дека истиот ги исполнува посебните барања за безбедност кои се однесуваат за оваа група на производи. производот Vigorix intense, 30 капсули, произведен од “Herba Medica d.o.o Preserska cesta 5, 1235 Radomlje, Словенија” а увезен и ставен на пазарот во Р. Македонија од страна на операторот со храна Бионика Фармацеутикалс, доо ул. Скупи бр.15, 1000 Скопје” е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство како додаток на исхрана со Мислење бр. 18-5274/2 од 28.07.2015 – велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од Агенцијата додаваат дека овој производ е одобрен по утврдување на усогласеноста на приложената документација за производот со националните прописи кои се однесуваат за оваа група на производи и документите – Известување од Агенцијата за лекови и медицински средства – Скопје и Стручното мислење од страна на Институтот за предклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија при Медицинскиот факултет од Скопје дека производот не е лек.
Строго дефинираната постапка и критериуми за супстанциите кои влегуваат во состав на додатоците на исхрана, пропишани во националните прописи, согласно кои се издава позитивно мислење за додатокот на исхрана, ја исклучува можноста од несакани ефекти за популацијата, доколку потрошувачот се придржува на препораките од производителот наведени на означувањето на производот во однос на начинот на употреба, возраста на популацијата за која е наменет, одредени предупредувања за посебни групи на потрошувачи и слично.