Нашитe деца читаат, но не доволно. Не колку што читаат на многу други места. Сметам дека сите сме виновни за тоа и дека е крајно време да ги промениме од корен работите. Сметам дека во државава сe останати доволно паметни луѓе кои имаат одлични идеи, кои се вредни и кои можат да помогнат во спроведување на тие идеи. Би требало тие луѓе да се консултираат и да се повикаат во помош при креирање на образовните програми, листите на лектири и уште еден куп работи што мора да се сменат за децата да се мотивираат да читаат, во разговор за Плусинфо објаснува Билјана Црвенковска, писателка на книги за деца и една од главните „моторни сили“ за промоција на квалитетна литература за деца во Македонија.
Црвенковска е моментно актуелна и со тоа што е сценарист на дел од епизодите за серијата „Зоки Поки“, во режија на Александар Поповски и продукција на Кино Око.
На пат е твојата нова книга за деца, а промоцијата ќе биде на Саемот на книгата, со каква приказна ќе ги израдуваш децата овојпат?
– Всушност, се работи за прва епизода од еден нов серијал насловен ТКЦП, во која има шест главни ликови, па така ќе има и шест епизоди. Ликовите се деца-суперхерои, но секое од нив освен тоа што има некаква супермоќ, има и некаков проблем кој му оневозможува да прави нешто во секојдневниот живот.
Книгите се еден вид графички романи за деца, кои ги работам во коавторство со Здравко Гиров, одличен илустратор и стрип-цртач. Со него работев и на моите претходни романи. Во првата епизода главен лик е Лео, шефот на дружината ТКЦП, а насловот на книгата е „Канџа во мракот“. Многу цртежи, помалку текст, многу интерактивност, и уште повеќе возбуда и мистерија.
Во твоите книги секогаш има некои интерактивни моменти за да се стимулира детето само нешто да напише, да нацрта… Кој е мотивот?
– Мотивот произлегува баш од фактот дека денешните деца е сè потешко да ги натераш да читаат. Не се како нас. Уште во основно ги читав Толкин, Достоевски, Драјзер, Ремарк, Хемингвеј, Хесе… Имав трпение со часови и часови до доцна во ноќта да зјапам во ситни букви и да прочитам стотици страници во два дена. Но, денес е друго време. Децата бараат брзи, возбудливи, интересни и интерактивни работи, затоа што поминуваат многу време на интернет и играјќи видеоигри. Интерактивноста е многу важен момент, да се внесе детето во приказната, да се почувствува како дел од неа. Секако, тоа е само една од работите што треба да ги содржи денешната литература за деца. Добрата литература за деца треба да биде облечена во шаренило, да биде впечатлива, интерактивна, возбудлива и забавна, но и да ги промовира вистинските вредности и да развива емпатија.
Преку издавачката куќа „Арс ламина“ несебично ги поддржуваш и другите македонски автори на литература за деца. Има ли потенцијал за подинамичен развој на детската литература кај нас?
– Има и мислам дека сме сведоци на тоа во последно време. По долг период на затишје, односно од моментот кога престана да функционира оригиналната редакција на „Детска радост“, никој веќе не работеше на креирање на млади автори. Зборувам за поттикнување и мотивирање да се создаваат книжевни дела, а не само забавно-едукативни содржини. Но, работите полека се менуваат. Младите автори се охрабруваат да пишуваат за деца, илустраторите излегоа од сенка, веќе реномираните автори бараат реизданија во ново руво, со модерни илустрации, а некои од нив што претходно не работеле за деца, сега решаваат да почнат да влегуваат во тие води… Само од она што е ново во „Арс ламина“, тука е првата сликовница за деца на Ване Костуранов, и сигурно не и последна, а во подготовка се и први книги за деца на Владимир Мартиновски и Ана Голејшка, потоа нова сликовница на Бистра Георгиева… Со младата и талентирана илустраторка Ана Петрова, повторно коавторски, работиме на графичка новела за деца и млади… Калина Малеска ќе издава свое првенче за деца за „Или-или“. Работите се раздвижуваат и тоа мошне ме радува.
Сметаш ли дека литературата во учебниците, и воопшто лектирите за децата од училишна возраст треба да се модернизираат?
– Апсолутно. Не знам зошто кај нас, во нашава држава, станува пракса работите да се прават набрзина, половично, да не речам да се приплескуваат. Брзо, брзо, како мачката со опашката, да се покаже дека нешто правиме. Тоа беше практика повеќе од една деценија, и, за жал, изгледа ни влезе под кожа па не можеме да престанеме да го правиме тоа. Брзината значи неквалитет и никој не може да ме убеди во спротивното. Квалитетните работи и големите промени бараат време. За сериозно да се направи добра образовна програма, особено по предметот мајчин јазик, каде децата ни се неписмени до осум години, или па сериозна, коренита промена во задолжителната литература за основните и средните училишта, треба време, работа, и да се консултираат професионалци од областа, кои ги следат трендовите во литературата за деца. Еве еден пример од курсот за креативно пишување. На прашањето што читаат, децата наведуваат книги кои се модерни, популарни и интересни за нивна возраст. На прашање за книгите што се читаат во училиште, какви се тие книги, сите деца едногласно одговараат: досадни! Ова мора да се смени.
Кои книги ти би ги предложила за задолжително четиво за нашите деца?
– Има многу кои би ги предложила, но баш поради претходно изнесените аргументи, нема да наведам ниедна од нив. Сметам дека тоа е работа за цел тим, сериозно посветен на таа работа.
Какви се моментно светските трендови во литературата за деца?
– Од аспект на темите кои се обработуваат, зборуваме за теми кои се мошне сериозни, значајни и неизбежни. Теми кои се многу далеку од нас и дури некои од нив кај нас се и табу: дисфункционални семејства, семејни проблеми, семејно насилство, родови прашања, инклузија на деца со посебни потреби, дискриминација, миграција, филозофски и животни прашања видени и доживеани од децата… Од аспект на илустрацијата, пак, сликовниците за деца прераснуваат во сериозна уметност. Илустраторите, авторите на најдобрите сликовници најчесто се сериозни ликовни уметници, кои покрај своите други ангажмани, работат и на сликовници за деца. Како кај нас во златните години на детската литература, кога се радувавме на илустрациите на Кондовски на „Зоки Поки“. Не знам каде попатно се изгубивме и што ни се случи.
Интересен е курсот за креативно пишување кој го држиш. Како може да се приклучат децата на курсот? Што нуди курсот?
– Курсот е веќе почнат, но ќе има повторно од септември, така што сите заинтересирани деца над десет години и тинејџери кои сакаат да пишуваат, ќе можат да се запишат по летните одмори. Инаку, она што го учиме е креирање на приказна: главни и споредни ликови, почеток на приказна, главно дејство, проблеми и предизвици кои се поставуваат пред главниот лик во приказната, и секако, нивно разрешување. Во текот на целиот курс секое дете ќе напише и ќе илустрира своја приказна, за потоа да добие и своја испечатена книшка. Многу е забавно, само толку можам да кажам. И за нив, но и за мене. Не престануваат да ме изненадуваат со нивната остроумност и креативност.
Кои реакции од децата на твоите книги ти останале во сеќавање?
– Има многу, но еве, ќе наведам некои најинтересни. За „Што сонуваше Дедо Мраз“, сестричката Неда и братчето Јосиф направија макета на градот Снегомраз, за кој се зборува во книгата, а девојчето Дуња ги нацрта сите ликови и правеше презентација за книгата на училиште. За „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“, близначките Веда и Каја биле разочарани кога не им „успеала“ магијата што се обиделе да ја направат, а Рамона седела дома со фризура како Елена (главниот лик од книгата), расплакана дека нема продолжение на книгата. И уште многу други девојчиња дојдоа да прашаат кога ќе има втор дел, па еве и јавно да им одговорам: вториот дел ќе излезе во декември.
Колку воопшто како автор за деца, преку своите книги, учиш и си научила од децата?
– Учам многу и не знам дали е доволно. Уште сум далеку од тоа да пишувам како Нил Гејман, на пример. Ха, ха… Но, еве, се трудам секојдневно да учам, а сега со децата од курсот тоа можам да го правам секоја недела. Веќе научив: дека главен лик во книга може да биде слика што постојано си ја менува содржината (фала Ева!), дека метлата на вештерката може да ѝ биде најдобра другарка (благодарам Борјана), дека ако јадеш многу моркови можеш да се претвориш во зајак (Кала, те обожавам!)… А заради Ребека, големата Ева и Виктор ми се врати вербата дека има и тинејџери што многу сакаат да читаат, а и да пишуваат…
Фотографија: Игор Тодоровски