Договор за јавно приватно партнерство меѓу владата и бизнисот во кој точно ќе се утврди она што добиваат и треба да испорачаат двете страни во кој клични ќе бидат консензусот за развојот на економијата, поволен демократски амбиент, предвидливост, побара денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азаски на презентирањето на „Белата книга“ на Советот на странски инвеститори на комората. На презентацијата присуствуваше премиерот Зоран Ззаев и министри од неколку ресори на Владата.
Азески изрази задоволство што децениското барање на бизнис заедницата за консензус околу одредени прашања кои се од стратешко значење за бизнисот веќе се прифаќа од власта и опозицијата, што како што рече, е клуч на договорот.
– Веќе имаме консензус за самостојноста на монетарната политика, а добро е што она што го договоривме на советувањето со присуство на Владата МАНУ и Народната банка во Охрид за реиндустријализацијата и извозот го прифати и опозицијата на последната наша средба- рече тој.
Азески побара точно да се утврди кој што треба да испорача во тој договор.
-Треба точно да се утврдат зафаќањата од приватниот сектор и што тој треба да врати назад – поголем број отворени работни места, инвестиции… – рече Азески.
Во тој контекс побара и намалување на времетраењето за одговор на барањата на бизнисмените од страна на институциите.
– За едно барање за стратешки закони на бизнисот да го види светлото на денот потребни се три години. Навистина проблем немаа банкарите во односот со институцииите и тоа треба да се следи во иднина. Комората, пак, чекаше осум години да дојде времето кога институциите – власта ќе распознае дека треба да се реализира модел за економски развој предложен во 2010 година во кој се предлага реиндустријализацијата и извозот да бидат главни точки – рече Азаски.
Тој напомена дека на бизнис заедницата најлесно ѝ оди со Министерството за финансии, потешко со министерствата со по еден ресор, а најтешко со Министерството за економија во кое функционираат поголем број ресори и поради тоа не може да биде ефикасно.
За побрз развој на економијата Азески предложи владата да ги поддржува и да ги помага оние фирми кои се подготвени да го зголемат растот
– Треба да се инвестира и државата да им помогне на оние кои се оспособени најбрзо да испорачаат работни места и инвестициона активност, ако сакаме да добиеме сите -рече Азески.
Претседателот на Советот на стрнски инвеститори Штефан Петер рече дека инвеститорите бараат јасна правна рамка, поволна политичка клима, јасна борба со корупцијата, не само помала администрација, туку таа да биде ефикасна како и дигитализација на институциите.
– Реформите се неопходни за земјата. Не можете да ги воведете реформите од денес за утре, туку чекор по чекор. Треба постојано да работите и да се искачувате на планината, а за да стигнете до врвот ве чека голем пат- рече Петер.
Посебен проблем на македонското стопанство, според него е и кадарот, кој како што рече, сега го губиме оти оди во странство, а дури по приемот во ЕУ и НАТО одливот на кадар ќе биде уште поголемо.
– Ако треба да ја квалификуваме работната сила тоа треба да го направиме сега зашто за шест години по приемот на земјата во ЕУ ќе го имаме проблемот на одлив на кадарот таму. Ние треба да му овозможиме услови да остане овде – рече Петер.
За премиерот Зоран Заев, политичката и регионалната стабилност се основниот предуслов за економскиот развој, но тоа треба да биде основа и за храбрите одлуки на бизнисите.
– Дел од она на што е фокусирана Македонија се реформите кои многу често се врзуваат со Европската унија и нашиот интеграциски процес, но во суштина уште поважна причина е дома – независноста на судството, владењето на правото, транспаретноста, предвидливоста, безбедноста…Важни се и реформите во образованието и тие се нашата следна преокупација на која мора да бидеме насочени – рече Заев.
Заев додаде дека решавањето на проблемите со соседите битно влијаело на растот на трговската размена со овие земји.
– Бележиме позитивни трендови во трговската размена со Германија и со Австрија, но и со Грција од 18, 5 отсто, со Бугарија 10 отсто, со Србија 7,1 отсто, со Косово, 6,7 отсто, со Хрватска 10 отсто, а со Словенија 7,7 отсто од 20-те земи со кои имаме висока трговска размена – рече Заев.
„Белата книга“ на странските инвеститори излегува секоја година од 2006 година кога е формиран Советот во рамки на Стопанската комора. Годинава е на 120 страници и ги содржи постигањата и проценките на инвеститорите за бизнис климата во змејава. Еден од одделите на книгата е наменет и за забелешките и предлозите со рокови како тие да се реализираат.