Одлуката на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ да не се одобри почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија може да „го поткопа кредибилитетот“ на Унијата, оцени експертот за Балканот од Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер.
– Набљудувачите во регионот ја сметаат француската и холандската политика како нефер и мотивирана од домашната политика и од стереотипите. Ова го поткопува имиџот на ЕУ како фер играч, со фер критериуми, особено затоа што Комисијата даде зелено светло за преговори, изјави Бибер за Еуроњуз.
Според Бибер, ваквиот став најверојатно ќе испрати негативен сигнал до владите на Северна Македонија и Албанија, кои можат да помислат дека не вреди да се прават тешки компромиси доколку не бидат примени во европскиот блок.
– Ова особено ќе биде тешко за Северна Македонија, која работеше толку напорно за решавање на проблемот со името, додава Бибер.
Тој оценува дека ваквиот став испраќа порака и до Србија и Косово, кои имаат најголем отворен проблем во регионот, да се запрашаат зошто некоја од нив би склучила тежок договор, кога ЕУ не може да им даде ништо за возврат.
Слично мислење има и аналитичарот и визитинг професор на Лондонската школа за економија и политички науки (ЛСЕ), Џејмс Кар-Линдзи, кој на Твитер објави дека германската канцеларка Ангела Меркел ќе лобира за прашањето за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија кај францускиот претседател Емануел Макрон на утрешниот Самит на ЕУ.
– Сепак, на крајот, неуспехот да се прифати Северна Македонија ќе го поткопа кредибилитетот на ЕУ и ќе го покаже (европскиот) блок како неспособен да може да решава во своето непосредно опкружување, а камоли да има влијание пошироко, смета Кар-Линдзи.