Каков морален кредибилитет и личен интегритет има Субхи Јакупи да ја извршува судската должност, праша денеска Флакрон Беџети, портпарол на Алијансата на Албанците на прес конфернеција.
– Субхи Јакупи кој се избра за виш судија на Управен суд, кадар на ДУИ, поранешен член на Државната изборна комисија, кој беше принуден да поднесе оставка заедно со другите колеги од ДИК, поради злоупотреба на службената положба, што на нетранспарентен начин, покрај редовната плата си делеле и по неколку дополнителни плати за себе, и големи пари за патување, спротивно на сите постојни нормативи и критериуми за овие намени. Тоа лице поднесе оставка од функцијата, по алармот на Амбасадата на САД во Скопје преку амбасадор Џес Бејли, кој ДИК ја оцени како корумпирана институција, вчера беше избран за виш судија на Управен суд. Каква правда ќе им делат на граѓаните партиски судии од видот на Субхи Јакупи – праша Беџети.
Тој побара премиерот Зоран Заев да одговори до каде е реформата во Републичкиот судски совет.
– Бараме итно да се преземат мерки за реформирање и деполитизација на Републичкиот судски совет од партиските членови на СДСМ, ДУИ и ВМРО кои немаат кредибилитет да изберат судии професионалци, туку се во служба на нивниот партиски клиентелизам. Бараме овој Совет да се формира исто како и во земјите на ЕУ, а не неговите членови да не ги избира и предлага Собранието на РМ и претседателот на државата, како што е случај досега. Бараме од Амбасадата на САД во Скопје и Канцеларијата на ЕУ, сериозно да ги разгледаат нашите забелешки за избор на партиски судии и семејниот непотизам – рече Беџети.