Ова беше тежок компромис, требаше доста време и разбирање. Со визија и прагматизам страните дојдоа до компромис со кој се врзаа стратешките цели. Како и со секој вистински компромис двете страни чувствуваат загуба, се гледа тоа и по реакциите, рече американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли, на неговото обраќање на научната конференција во МАНУ.
Токму затоа, на гласачкото ливче рече тој, постои опција „За“ и „Против“ и нема ниту едно гласачко ливче на кое може да се заокружи опцијата „Одлично“.
– Нема подобар договор кој може да се постигне. Тоа е договор кој го признава македонскиот идентитет и јазик и бара да се променат името на државата и институциите. Некои работи ќе бидат тешки, но не треба да се заборави на тоа што ќе се случи наредните години, ќе бидете 30-та земја членка на НАТО – посочи Бејли.
Како историчар по професија, рече тој, ако се навратиме назад ќе видиме историја каде Македонија и соседите постојано имале проблеми. Тоа беше тешка историја но, наведе тој, географијата не е променета и соседите не се промениле.
– Она што со НАТО ќе се смени е што повеќе нема да сте само соседи кои се обидуваат да немаат проблеми, туку ќе бидете сојузници и ќе се поддржувате – порача американскиот амбасадор.
Како што наведе тој, време е да сфатиме со што се соочуваме и да го зграпчиме моментот.
– Конечно, ова е спогодба за која граѓаните на оваа земја ќе го дадат својот глас. На крајот, ова ќе биде нивен договор зашто луѓето ќе треба да одлучат да или не. Не постои совршен договор… Важно е да го дадат својот глас, ако не гласаат и бидат збунети, тоа нема да ѝ помогне на државата да оди напред – рече Бејли.