Американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли, пред завршувањето на мандатот во Скопје, сними духовито интервју во кое одговара на 50-тина прашања. Интервјуто е снимено со неговите соработници од амбасадата во Скопје, а прашањата се поврзани со неговиот престој и работата во Македонија.
На прашањето дали е вистина дека влијаел врз најголемиот дел од политичките одлуки во Северна Македонија, тој шеговито одговори:
– Не, за жал, не, но влијаев врз времето благодарение на ХААРП-от.
Иако, како што додаде, би сакал да влијае врз тоа да има што помалку ѓубре на улиците.
Тој на неговиот наследник му порача секогаш да ги игнорира троловите, а на граѓаните во Македонија да бидат оптимисти оти земјава има иднина.
Од целото интервју Бејли не одговори само на прашањето кој му е омилен премиер Заев или Груевски.
Бејли вели дека кога ќе си замине најмногу ќе му недостасуваат луѓето, а најмалку загадениот воздух. Според него, најкул личност што ја запознал во земјава бил Милчо Манчевски.
Бејли заминува од земјава по 4 години служба.