Принцот Хари (35) и Меган Маркл (38) вчера напишаа објава на социјалните медиуми дeка се повлекуваат од кралските должности. Одлуката ја донеле без знаење на кралицата Елизабета (93), принцот Чарлс (71) и принцот Вилијам (37). Семејството дознало за нивната одлука преку телевизиски вести, според „Дејли меjл“. Британските медиуми Меган и Хари поради оваа одлука сега ги нарекуваат „Мегзит“.
Извор од кралскиот двор рекол дека кралицата и нејзиното семејство се длабоко разочарани, а пријателите на кралското семејство биле шокирани и бесни на брачниот пар.
„Разговорите со војводата и војвотката од Сасекс се во рана фаза. Ние ја разбираме нивната желба, но ова се комплицирани прашања за кои ќе треба време“, се вели во соопштението од Бакингемската палата.
– Семејството им овозможи венчавка каква што сакаа, куќата што ја сакаа, канцеларијата што ја сакаат, пари, персонал, патувања. Што друго им требаше? – коментирале помошниците во кралското семејство, додавајќи дека е неправедно кон кралицата и дека таа не заслужува таков третман.