По одлука на Советот на Град Скопје, ЈСП „Скопје“ воведува бесплатен превоз на патници на автобуската линија број 28 што ќе сообраќа на релација Транспортен центар – Нерези/Македонско село. Како што информираат од ова јавно сообраќајно претпријатие, превозот ќе биде бесплатен со цел промовирање на градските историско-културни знаменитости. Бесплатниот превоз ќе важи за деновите од викендот, како и во денови на државен празник.
– Истовремено, донесена е одлука автобуските линии со број 25 А (Автомакедонија – Средно Водно) и број 25 Б (Дом на печат – Средно Водно) да станат дел од редовниот линиски превоз, покрај линијата 25 (Транспортен центар-Средно Водно) која веќе извесен период е редовна автобуска линија. Во изминатиов период 25 А и 25 Б функционираа како пробни линии. Превозот на посочените линии како и досега ќе биде бесплатен за време на викенд и за време на државен празник – информираат од ЈСП „Скопје“.
Од претпријатието објаснуваат дека потребата за воведување бесплатен превоз на претходно посочените линии е инициран од Град Скопје, по предлог на голем број граѓани, пред сè од еколошки аспект и ставање во контролирано и регулирано движење до Средно Водно и до подрачјето на Нерези.
– Сметаме дека посочените поволности за бесплатен превоз ќе ги поттикнат граѓаните да ги остават своите возила и да го користат јавниот автобуски превоз за време на викенди и државни празници, а со тоа ќе се придонесе за зачувување на природните убавини кои ги има планината Водно и подрачјето на Нерези. Оваа Одлука пред сè има за цел заштита на природните убавини, поголем и почист простор за одмор, спорт и рекреација – објаснуваат од ЈСП „Скопје“.