Дечињата од социјално загрозените семејства од ООУ„Кирил Пејчиновиќ“ од понеделникот почнаа да посетуваат бесплатни часови по германски и италијански јазик.
Во организација на ова училиште од Општина Кисела Вода, 30-тина ученици кои имаат потреба од курсеви по странски јазик, а не се во можност да си го дозволат истото, посетуваат настава која волонтерски ја одржуваат професорот по германски јазик Владимир Алексовски и професорот по италијански јазик Владимир Андоновски.
Часовите се одржуваат во попладневните часови, два пати неделно, по германски јазик и еднаш неделно по италијански јазик. Наставата се изведува во просториите на училиштето.
– Оваа иницијатива е една од заложбите на училиштето да им се излезе во пресрет на потребите на учениците, на тој начин помагајќи сите да имаат еднакви можности за успешен образовен процес -велат од Општина Кисела Вода.