Беса се раздружи и во Собранието

1020

Беса се раздели и во Собранието. Пратениците на Алтернатива предводена од Африм Гаши вчера и официјално доставиле до претседателот на Собранието Талат Џафери дека ќе дејствуваат како претставници на новата партија.

Ова значи дека Африм Гаши, Неџбедин Каремани и Реџеп Мемеди ќе бидат пратеници на Алтернатива и оти со ова престанува да постои пратеничката група на Беса.

По судската одлука и регистрирањето на Алтернатива во Централен регистар, поранешната партија и официјално се подели на два политички субјекта Беса предводена од Билал Касами со двајца пратеници и Алтернатива со тројца пратеници.

Од Алтернатива информираат дека засега нивните пратеници ќе дејствуваат како претставници на партија, но не ја исклучуваат можноста да формираат пратеничка група евентуално со двајцата пратеници на ДПА.

– Сега засега не планираме да формираме пратеничка група со други пратеници. Нашите пратеници ќе ја претставуваат само својата политичка партија. Во иднина тоа може да се промени – ни изјави Орхан Муртезани, портпарол на Алтерантива.

Од ДПА како владеачка партија не успеавме да добиеме став дали би формирале пратеничка група со колегите од Алтернатива.

Од Собранието велат дека иако Беса повеќе не постои како пратеничка група и нема координатор, претседателот на Парламентот Џафери и натаму ќе повикува на редовните координативни средби по еден претставник од Беса и од Алтернатива.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...