Швајцарката Белинда Бенчиќ и Германката Анжелик Кербер се пласираа во полуфиналето на турнирот во Индијан Велс (САД). 22-годишната Бенчиќ најде место меѓу најдобрите 4 за прв пат во својата кариера, откако запиша триумф над поставената под број 5 во шемата, Каролина Плишкова (Чешка) со 6:3, 4:6, 6:3.
За Бенчиќ, која минатиот месец ја освои титулата на турнирот во Дубаи, ова беше шеста последователна победа над тенисерка од топ 10, а таа беше постигната по неизвесна битка што траеше 2 часа и 16 минути.
Тешка победа оствари поранешната лидерка на светската ранг-листа, Анжелик Кербер. Германката победи со 7:6 (3), 6:3 против Американката Венус Вилијамс и за место во финалето ќе спори со Бенчиќ.
Кербер имаше проблеми во почетокот на натпреварот и допушти заостанување од 2:4 во гемови, но потоа почна да го наоѓа ритамот во играта и да го освои првиот дел по тајбрејк. Во него Кербер имаше сериозна предност против 38-годишната Вилијамс и по силен бекхенд, Германката го зеде првиот дел со 7:3 во поени.
Во вториот сет отпорот на Вилијамс беше помал и тоа и овозможи на противничката и да го затвори натпреварот по час и 36 минути игра.
Во другото полуфинале, кое ќе се игра подоцна денес, Украинката Елина Свитолина излегува на средба со Чехињата Маркета Вондрушова.