Белите мечки, принцот Вилијам и силно обезбедување во Давос (ГАЛЕРИЈА)

Минатата година 26 најбогати луѓе поседувале богатство колку посиромашната половина планета, односно 3,8 милијарди луѓе, соопшти хуманитарната организација „Оксфам“.

1449

Шеснаесетгодишната Грета Тунберг од Шведска, која е климатска активистка, зборуваше на панел дискусија на 49. Светски економски форум што се одржува во Давос, Швајцарија. Таа се поздрави и со Кристин Лагард, директорка на Меѓународниот монетарен фонд.

Светскиот економски форум во Извештајот за глобални ризици предупредува на претстоен економски пад, меѓу другото и поради геополитичките тензии помеѓу големите сили. На Форумот во Давос доминираат теми за актуелните трговски спорови, фрагилните меѓународни односи, Брегзит и економскиот пораст, чие забавување, според многумина, може повторно да ја втурне светската економија во рецесија.

Познавачите на состојбите сметаат дека глобалниот економски форум губи на сила, трговските конфликти се зголемуваат, еколошките проблеми и затоплувањето на климата се нерешени прашања, а дигитализацијата предизвикува големи промени.

Клаус Шваб, основачот на Светскиот економски форум, вели дека јакнењето на глобалната соработка е суштинско за светската економија, која бавно и нерамномерно закрепнува по глобалната финансиска криза од 2008 година.

Политичките и економските кризи на домашен терен спречија поголем дел од западните лидери да присуствуваат на годинашниов 49. Светски економски форум во Давос. Американскиот претседател Доналд Трамп го откажа учеството поради блокадата на Владата, неговиот француски колега Емануел Макрон остана дома поради протестите на „жолтите елеци“ и дијалогот со народот, додека, пак, британската премиерка Тереза Меј е фокусирана на блокираниот Брегзит. На тридневниот самит не присуствуваат ниту лидерите на Русија и Кина, Владимир Путин и Си Џинпинг.

Организаторите посочија дека 65 шефови на држави и влади, и околу 40 лидери на меѓународни организации, меѓу кои и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, се дел од форумот, додека претседателот на Светскиот економски форум изјави дека околу 37 шефови на држави и владите се од Европа и од Евроазија.

На форумот учествуваат и голем број раководители на компании и претставници на граѓанското општество, додека од Групата на седум индустриски најразвиени земји (Г-7) дел од форумот во Давос се јапонскиот премиер, Шинзо Абе, германската канцеларка, Ангела Меркел и италијанскиот премиер, Џузепе Конте. На Форумот учествуваа и британскиот принц Вилијам, пејачот Боно, како и граѓански активисти за климатските промени. Форумот го проследија и редовните протести поврзани со климатските промени, а безбедноста е на највисоко ниво.

Се проценува дека бројот на приватни летови во Давос опаднал за 14 отсто во однос на лани. Но, се претпоставуваа дека ќе има 135 повратни летови кон и од Давос.

На Светскиот економски форум во Давос, кој почна вчера, присуствува и македонска делегација предводена од премиерот Зоран Заев. Во делегацијата се вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши. Во рамките на самитот, премиерот Заев имаше средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Минатата година 26 најбогати луѓе поседувале богатство колку посиромашната половина планета, односно 3,8 милијарди луѓе, соопшти хуманитарната организација „Оксфам“.

Според „Оксфам“, богатите стануваат сè побогати, а сиромашните повеќе осиромашуваат. Богатството на милијардерите минатата година се зголемило за 12 отсто, додека „богатството“ на најсиромашните 3,8 милијарди луѓе, односно половина планета, се намалило за 11 отсто.

Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, почна на 22 јануари, а завршува денеска.

 

Фото: EPA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...