Текст и фотографии: Стоилко Андреевски
Азот, кој го опфаќа централниот дел на Македонија, ниту во турско, ниту во бугарско, ниту пак во српско, не бил покорен. Денес Азот е на колена. Покорен е без борба, зашто остана заборавен од сите.
Во петнаесетте села, од влезот кај мостот на реката Бабуна, кај Стари Град, па сѐ до под Солунска Глава, некогаш имаше и крштенки и свадби и веселби и раѓање и умирање. Во нив денес како да застанал животот. За жителите дека Азот ќе живее, кон крајот на минатиот век, умре и последната надеж. Се надеваа дека со изградбата на патот Велес – Прилеп, преку Бабуна, Азот ќе се поврзе со светот и дека во него повторно ќе се врати животот. Но, останаа излажани. Патот не само што не беше изграден туку и ништо друго не се направи.
И општината и државата кренаа раце. На жителите не им остана ништо друго освен да си заминат. Рекоа: „Чекавме со години. Гласавме за сите по ред кој како доаѓаа на власт. Сите ветуваа, но никој ништо не направи. Ветуваа дека ќе отворат погони за обработка на мермер и на стеблата од високите буки, евли. Дека млади ќе се вработат. Ништо. Повеќе не му веруваме на никого. Нема живот без егзистенција, без водовод, канализација, лекар, без амбуланта. И патот доцна дојде. Доста беше лажење. Во Азот животот умре“.
Жителите од Азот велат дека се изморија од чекање. На крајот со тага заминаа и не се завртија назад, за да го видат родното огниште. Денес, како неми сведоци дека некогаш во селата во Азот имало живот, стојат ѕидовите од старите разурнати куќи. Не се слуша песна. Нема свирки и тапани. Повеќе од петнаесет години, нема плач од новороденче, а свадба не се памети од кога немало.
Мртво е и најголемото село во Азот, селото на Дедо Богомил, на Петре Поп Арсов, Богомила. Некогаш во него имаше повеќе од 600 куќи, во кои свој дом имаа 2.000 жители. Во училиштето учеа над 500 ученици. А денес, осумгодишното училиште, опстојува само со педесетина ученици. Во Нежилово, Папрадиште, Габровник, Мокрени, Ореов Дол, Теово, Бистрица, Оморани и во другите села одамна престанаа да работат и училиштата за најмладите од прво до четврто одделение.
Сите го гледаа умирањето на Азот. Сите. И од општина Велес, а сега и од општината Чашка. И сите знаеле дека тука, од памтивека, имало живот. Сведоци за тој живот се и старите цркви и манастири и стариот римски мост, кој со векови ги чуваат спомените за Азот. И никој ништо не презеде во овој прекрасен реон, богат со квалитетен мермер, наоѓалишта на олово-цинкови руди, богати шуми и прекрасни пасишта и убавини за развој на туризмот, да го врати животот. Никој. Азот пред очите на сите тивко умира.
А името Азот, му го дале Османлиите. Неговото име значи непокор, зашто пет века Турците не можеле да го покорат. А ние денес не само што го заборавивме, туку засекогаш го покоривме.