БЕЛЕШКА Велешките „споменици“ на езерото Младост!?

Младост има два споменика. Два цевковода кои ниту едниот ниту другиот капка вода не донесоа во езерото, а за нивната изградба се потрошија големи народни пари. За потрошените пари никој досега не само што не поднел сметка туку и не беше земен на одговорност.

583

Со народни пари лесно е да се градат споменици. И тоа големи и на никого што не му користат. Таков е случајот и со изградбата на два, со иста намена, споменика, на езерото Младост кај Велес. Едниот во далечната 1995, а другиот почна со градба на 26 ноември 2012 година. И двата беа изградба за полнење со вода на езерото, преку цевководи: едниот од реката Вардар, а другиот од Хидросистемот „Лисиче“. Оној од Вардар беше изграден, но, никогаш не проработи, а другиот, пак, од планираните 6 километри, се изградени само 1.800 метри.

За првиот беа потрошени 1,3 милиони тогашни германски марки, а за другиот претходната Влада вети 4,5 милиони евра. За поставените цевки, на изведувачот, не му се дадени сите пари. Оној од Вардар го градеше сѐ уште „нераспродадениот“ агрокомбинат „Лозар“, во време на СДСМ, а другиот, пак, со пари од Владата, во време на ВМРО, почна да го гради Хидросистемот „Лисиче“, кој е во состав на Водостопанска заедница на Македонија.

За првиот, наспроти укажувањата на експертите и на екологистите дека не треба да се гради, бидејќи водата од реката Вардар е загадена од четврта категорија и дека со неа ќе се загади водата во езерото, тогашните челници обезбедија народни пари и изградија цевковод од езерото до Вардар во должина од 4 километри. Кога требаше да се пушти, дозвола за системот да почне да го полни езерото никој во Република Македонија не сакаше да даде. И никому ништо. Цевководот не беше предаден во употреба. Не проработи. Остана споменик. Цевките остана закопани, а помпите, кои беа на брегот на Вардар, „исчезнаа“. Никој не рече ни збор. Ако некогаш, по многу години, некои млади археолози копаат, ќе го пронајдат овој „споменик“ за кој беа дадени големи народни пари. Не знам дали поради инает или пак поради нешто друго, беше изграден овој „споменик“, кој никогаш не беше ставен во функција.

Вториот споменик на Велешкото Езеро беше најавуван повеќе години. Беше предвиден и со проектот за изградба на браната на Хидросистемот на реката Тополка, кај селото Лисиче, но секогаш беше ставан само пред избори, како маркетинг. Се велеше дека со изградба на цевковод езерото Младост ќе се наполни со чиста планинска вода и дека ќе се овозможи да се наводнуваат 1.600 хектари лозови и овошни насади и поголеми површини под градинарски култури. И така, во 2012 година, пред вонредните избори, Владата на ВМРО-ДПМНЕ почна со изградба на цевковод кој го поврза на главниот цевковод, во близина на Велес. Според проектот, цевководот требаше да минува под ридот над Топилницата, да поминува преку Вардар, кај Башино Село и да го полни езерото со планинска вода. Беа изградени 1.800 метри. И толку. Тогаш изборите повторно ги доби ВМРО и со тоа запре и изградбата на цевководот.

Од тогаш помина многу време. Никој ниту мисли ниту пак има ниет да го заврши овој проект. А неофицијално дознаваме дека и изведувачот останал со празни раце, бидејќи секнале народните пари од Владата, па Хидросистемот „Лисиче“ немал од каде да плати.

И така, велешкото езеро Младост има два споменика. Два цевковода кои ниту едниот ниту другиот капка вода не донесоа во езерото, а за нивната изградба се потрошија големи народни пари. За потрошените пари никој досега не само што не поднел сметка туку и не беше земен на одговорност.

Текст и фотографија: Стоилко Андреевски
(Фејсбук статус на авторот)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...