Бектеши: Ќе платам казна, не знаев дека сестра ми не ја сменила адресата

3205

Ќе платам сѐ што треба, станува збор за технички пропуст, но за мене е најважно дека Антикорупциската комисија ја потврди мојата изјава дека не сум влијаел при вработувањето на сестра ми, изјави за Плусинфо министерот за економија Крешник Бектеши.

Антикорупциската комисија вчера одлучи да поднесе прекршочна пријава до министерот, бидејќи како што рече членот на Комисијата Владимир Георгиев, во апликацијата што ја приложила сестрата на Бектеши, Влора, стоела истата адреса на која живее министерот. Функционерите по службена должност треба да ја известат Антикорупциска за вработување на член од семејството во јавниот сектор.

– Ако сум направил технички пропуст откако е вработена сестра ми ќе ги почитувам законите и ќе платам. За мене е важно дека Антикорупциска утврди дека не сум влијаел при вработувањето на сестра ми – ни изјави Бектеши.

Тој додаде дека денеска ќе провери дали до Министерството за економија е доставена прекршочната пријава за него. Тој не можеше да ни одговори дали ќе оди во Антикорупциска за да ја искористи можноста за порамнување, која му ја дава Законот за судир на интереси. Тој вели дека допрва ќе се информира, но оти не му е важно дали ќе ја плати целата сума.

Според Законот за судир на интереси, Бектеши треба да плати глоба од 300 до 500 евра. Од Антикорупциска велат дека министерот ќе биде повикан кај нив за ако сака да ја искористи законската можност за порамнување, односно доколку Бектеши појде во Комисијата ќе плати половина од глобата или 150 до 200 евра.

Во спротивно, Антикорупциска ќе поднесе прекршочна пријава за Бектеши и министерот глобата ќе треба да ја плати по судска одлука.

Бектеши ни изјави дека не знаел оти сестра му не ја сменила адресата на живеење. Тој објаснува дека сестра му се омажила во село каде улиците немаат име и број, а бидејќи работела на докторатот во странство ја задржала адресата од семејната куќа заради комуникација со универзитетот.

Сепак, Антикорупциска останува на ставот дека има сомнеж за влијание на министерот при вработувањето на сестра му, бидејќи директорот на МЕПСО имал дискрециско право да избира кого ќе вработи од петте кандидати кои влегле во најтесниот избор, при што за 23 работни места се пријавиле 896 лица, а за местото за кое конкурирала Влора имало 73 кандидати. Според Комисијата, не се знае точно како токму сестрата на министерот била избрана меѓу петте селектирани кандидати, бидејќи не постои записник од бодирањето и дека Владата треба да се извести за овој случај, а надзорниот одбор на МЕПСО треба да изврши увид во работата.

Бектеши останува на ставот дека не влијаел при вработувањето на сестра му.

Кога се обелодени случајот Бектеши изјави дека сестра му е мажена и дека не живее со него и оти таа има право да работи. Тој тврди дека како министер за економија немал никакво влијание врз МЕПСО, зашто со новиот Закон за енергетика оваа компанија е под Министерството за транспорт и врски.

– Мојата сестра е доктор по правни науки, има завршено во Италија и секој граѓанин има право да конкурира. Дали јас сум влијаел? Ви кажав дека немам како да влијаам и не би влијаел за никакво вработување, а тука се вклучува и мојата сестра, но тоа не значи дека мојата сестра или моите роднини немаат право да конкурираат по јавни огласи само зашто се мои роднини. И моментално мојата сестра не живее со мене, таа има свој живот, таа е мажена и секако и таа би сакала да најде работно место – изјави неодамна Бектеши.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...