Бектеши се пожали во ЦЕФТА за косовските заштитни мерки

136

Укинување на одлуката за зголемување на царините за 30 отсто за увоз на одредени видови овошје, зеленчук и пченка, денеска побара и министерот за економија Крешник Бектеши во писмо испратено до Секретаријатот на ЦЕФТА и до министерот за трговија и индустрија на Република Косово Бајрам Хасани.

Бектеши во писмото наведува дека мерката не е во согласност со ЦЕФТА Договорот и е во спротивност со Заедничката декларација која се однесува нa примена на правилата и постапките на СТО.

Тој бара и итен состанок на сите земји потписнички на ЦЕФТА Договорот и очекува повлекување на одлуката од косовска страна, а доколку тоа не се случи во најкус временски рок, една од опциите, како што нагласува, е воведување контра-мерки со цел заштита на домашното производство.

„Следејќи ја процедурата за евентуална примена на заштитна мерка, неопходно е навреме да се поднесе нотификација до ЦЕФТА засегнатите страни и да се почнат директни консултации со страните потписнички на ЦЕФТА Договорот пред воведување на заштитната мерка“, стои во дописот на Бектеши.

При тоа се има предвид членот 24.7 од ЦЕФТА Договорот, кој дозволува воведување на привремена заштитна мерка, но само ако се даде верификација за посебните околности што се појавија со цел да се воведат.

„Фактот дека мерката се однесува на вкупно 21 производ кои не се точно дефинирани според тарифни ознаки од Хармонизираниот систем на комбинираната номенклатура, за некои од наведните производи во Одлуката сезоната е помината, а кај некои сe уште не е почната сезоната, укажува дека мерката е паушално донесена без да биде придружена со аргументи за зголемен увоз и евентуална штета од неа“, дополнува Бектеши

Според официјалните податоци, извозот на производи од Македонија во Косово за првите шест месеци од 2018-та е на приближно исто ниво како претходната година.

„Донесувањето ваква Одлука е во спротивност на трите приоритети во Програмата на за претседавање со ЦЕФТА во текот на оваа година, за која сите ЦЕФТА страни целосно ја поддржаа со цел заеднички да работиме на олеснување на трговијата со стоки, усогласување на пазарите на ЦЕФТА со ЕУ и создавање регион без нетарифни бариери и мерки што ја попречуваат трговијата“, се наведува во писмото на Бектеши до неговиот косовски колега и до Секретаријатот на ЦЕФТА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...