По надминувањето на билатералните спорови и договорите со Грција и Бугарија, ние како држава ги отворивме нашите евроинтеграциски процеси и перспективите за економски развој. Владата на Република Северна Македонија е цврсто определена кон унапредување на условите за водење бизнис, што е основен индикатор за создавање на поволна клима за инвестирање.
Ова го истакна министерот за економија Крешник Бектеши, кој денеска и утре претстојува во работна посета на Кралството Шведска каде што учествува на Министерска конференција во организација на шведското Министерство за надворешни работи и на Европската комисија.
Бектеши ја искористи можноста да ги претстави стратешките проекти и можностите за инвестирање во Република Северна Македонија пред шведската бизнис заедница, со посебен фокус на ЕУ интеграцијата.
Тој додаде дека aктивно се работи на привлекување на реномирани странски инвеститори, а мерките од владиниот План за економски раст даваат позитивни резултати, со рекордно ниво на странски директни инвестиции од 624 милиони евра и околу 20 нови странски компании кои реализираат инвестициски проекти во земјата.
Бектеши се повика на извештаите од меѓународните рангирања какио потврда за квалитетот на економските политики и одличните ефекти што тие ги даваат:
– Според последно објавениот извештај на Конференцијата на ОН за трговија и развој на инвестициите во светот, за Република Северна Македонија е наведено дека странските директни инвестиции пораснале за 260 отсто од просекот во последните години, значително се подобрени и економските индикатори додека eкономскиот раст во првиот квартал изнесува 4.1 отсто. Ќе се работи посветено на негово забрзување за да се достигнат стапки од 6 или 7 отсто потребни за побрзо да се достигне европскиот стандард – рече Бектеши.
Според Бектеши и во најновиот извештај на Светска банка, „Дуинг Бизнис 2019“, Република Северна Македонија е рангирана на десеттото место за водење на бизнис, од вкупно 190 земји во светот, додека, пак, Агенцијата Фич го подобри кредитниот рејтинг на нашата земја од ББ на ББ+ и тоа е прво подобрување на кредитниот рејтинг на земјата после цели 13 години.
– Што се однесува до поврзаноста како услов за подобра економска соработка почнавме забрзано да работиме на изградба на квалитетна патна, железничка и енергетска инфраструктура, се работи на проекти за патишта во вредност од над 1 милијарда евра. Комплетно е завршен Коридорот 10, a се работи и на финализирање на Коридорот 8, кој ја претставува врската со Бугарија и Албанија. Во фаза на изградба е и железницата до Бугарија, како и неколку експресни патишта – информираше Бектеши.
Министерот ја запозна шведската бизнис заедница и со реформите во енергетскиот сектор, реализирани во последниве две години, објаснувајќи дека со новиот Закон за енергетика, усогласен со европските регулативи и директиви, се отворија бројни можности за инвестирање во овој сектор.
– Активно работиме на што поголема употреба на обновливите извори на енергија, а отворивме простор за инвестирање во фотоволтаици до 300 МW, за ветерни централи, електрани на био-гас и био-маса, па тоа е уште едно поле каде можам да ги поканам инвеститорите да дојдат и да ги истражат потенцијалите со кои располагаме – рече Бектеши.
Шведската министерка за надворешни работи, Маргот Валстром, во своето обраќање посветено на состојбите на земјите од Западен Балкан, ја истакна важноста од релациите помеѓу државите, заедничката сигурност и безбедност и демократијата.
– Пријателскиот однос е многу позначаен елемент од било кој друг дипломатски или политички однос. Туризмот, инфраструктурата енергетиката и културата се одлична платформа за соработка помеѓу земјите од ЕУ и земјите од Западен Балкан. Втората важна работа е борбата против корупцијата, тероризмот и климатските промени, кои се огромен предизвик на денешницата за која на ист начин се залагаат сите држави за да се обезбеди подобра иднина. Демократијата и мирот треба да се градат ден по ден во потсвеста на луѓето, бидејќи тоа е единствениот начин за подобро функционирање на државите – потенцираше Валстром.
Директорката на ЕК за Западен Балкан, Геновева Руиз Калавера се осврна на политиката на Европската комисија за земјите од Западен Балкан.
– Можам да истакнам дека судбината на овие земји е многу значајна и дека ЕУ се залага за нивна поддршка и интеграција. Во последниот пакет за проширување на ЕУ во сеопфатната анализа за секоја земја упати значајна пофалба за Република Северна Македонија, во однос на исклучителниот прогрес кој е направен. Што говори дека земјата сигурно чекори кон побрза интеграција во ЕУ“ – рече Калавера.