До овој момент со мене ниту лидерот Али Ахмети, ниту премиерот Зоран Заев не разговарале за моја смена од функцијата во Министерството за економија, изјави за Плусинфо министерот за економија Крешник Бектеши, по информациите во некои медиуми, дека тој и вицепремиерот за Рамковен договор, Хазби Лика ќе бидат сменети од позициите.
– Досега нема забелешки за мојата работа од премиерот Заев. Чудно ми е, дури и смешно, како може да се објави вест дека ќе бидам сменет од министерската функција. Денеска бев и со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, и со лидерот Али Ахмети и воопшто не стана збор за моја смена – ни изјави Бектеши.
И додека тој демантира дека е можно да замине од Илинденска бб, за вицепремиерот Лика, извори на Плусинфо велат дека е прашање на време кога ќе биде побарано да замине од функцијата.
Извори од ДУИ брифираат дека Лика одамна е затворено прашање, но се чека на неговата смена бидејќи се бара начин како тоа да се изведе.
И покрај најавата на Заев дека тој што не доаѓа на работи и не работи ќе биде сменет, алудирајќи на вицепремиерот за Рамковен, очекувањата во партијата се остваруваат дека Лика самиот нема да си поднесе оставка. Оттука, најверојатно Заев чека погоден момент да го разреши вицепремиерот од функцијата.
Сепак, од ДУИ брифираат дека и покрај демантот на Бектеши, нема да биде изненадување ако има смени и во Министерството за економија.
Плусинфо уште во мај објави дека на Централното претседателство на ДУИ за работата на министрите, најголеми забелешки и критики од сопартијците добиле токму Лика и Бектеши.