Овие денови се решава судбината на СЈО. Не се исклучува можноста македонските политички елити да се договорат да стават крај на постоењето на СЈО како самостојна институција и да ја „претопат“ во државното обвинителство.
Лидерот на полското синдикално движење „Солидарност“, Лех Валенса често ја повторуваше максимата: „Точката на гледање зависи од точката на седење“. Оваа максима е посебно важна во политиката. Едно гледаш кога си на власт, а сосема друго кога си во опозиција!
Додека СЈО ги истражуваше и процесуираше криминалот и корупцијата на претходната македонска власт, поранешната опозиција а сега власт со симпатии гледаше на СЈО и максимално ја поддржуваше неговата работа. Меѓутоа, по доаѓањето на власт, актуелната македонска власт поинаку гледа на СЈО, така што основано може да се постави прашањето дали нема да дојде до реприза на договорот, кој беше постигнат при смената на власта во 1998 година, за немање реваншизам!?
„Бомбите“ што ги објавуваше лидерот на поранешната опозиција и сегашната власт, З. Заев придонесоа македонската, но и светската јавност да дојдат до сознание дека Република Македонија е заробена држава. Со помош и посредување на меѓународната заедница беше формирано Специјално јавно обвинителство, кое имаше за цел да ја ослободи државата од стегите на корумпираниот и криминализиран режим, кој подоцна од страна на СЈО беше оквалификуван како злосторничко здружение. СЈО во Собранието на РМ беше изгласано со двотретинско мнозинство. Имајќи предвид дека требаше да ги истражува и да ги процесуира криминалот и корупцијата на поранешната власт, луѓето чии незаконски дејности беа разоткриени со „бомбите“, настојуваа максимално да го ограничат опсегот и времетраењето на работата на СЈО. Со тврдење дека аудиовизуелните записи се стекнати на нелегален начин, поранешната власт упорно настојуваше да се спречи нивното објавување и истите да не можат да се користат како доказен материјал во судските постапки!
Во почетокот СЈО почна мошне посветено да си ја врши својата работа и на јавна сцена ги презентираше разните афери, кои беа назначувани со почетна буква Т. Во јавноста беше создадено мислење дека само ова обвинителство може да ја врати државата во нормална состојба и затоа беше институција со највисок рејтинг во државата. Меѓутоа, ефектите од работењето на СЈО од неговото формирање до сега се минимални, така што дојде до рапидно опаѓање на неговиот рејтинг. Олеснителна околност за ваквите состојби може да се бара во партизираното и подјармено судство, но, тешко може да се тврди дека СЈО ја исполни задачата што му беше зададена!
Јавноста тешко може да прифати и да се согласи со фактот дека досега со судска завршница е окончан најбенигниот предмет со кодно име „Тенк“. Основано може да се постави прашањето дали некој свесно го насочува СЈО „на тенок лед?“ Со „Тенкот“ СЈО се посрамоти и компромитира, луѓето почнаа да прават зајадливи шеги – „Па, еве го ‘мерцедесот’, кој го користи и актуелната власт!“
Зошто СЈО не се зафати со предмети кои се однесуваат на големи финансиски афери, како што се провизиите за автопатите, за купувањето на опремата за прислушкување, за нелегалното финансирање на изборните кампањи на поранешната владејачка партија, за украдените пари кои се легнати на лични сметки во познатите светски перилници на пари итн.? Поранешната власт, сега опозиција, ја користи ваквата состојба и бара СЈО да се укине, со образложение дека залудно се трошат огромни буџетски средства!?
Поради остварување на амбициите на нашата држава за зачленување во НАТО и во ЕУ, во Собранието на РМ требаше да се усвојат, со двотретинско мнозинство, Преспанската спогодба и промените во Уставот на РМ со кои државата е преименувана во РСМ. Сегашната опозиција жестоко се противеше на формирањето на новата владина коалиција и на т.н. Тиранска платформа, што доведе до немилите настани што се случија на 27 април. Случајот беше оквалификуван како тероризам и беа притворени повеќе од 30 учесници на овој немил настан. Минималната казна за тероризам е 10 години затвор. Меѓутоа, со оглед на потребата за двотретинско мнозинство при гласањето во Собранието на РМ за Преспанската спогодба и за промените во Уставот, осум учесници кои беа осомничени за нелегални постапки или за учество во крвавите настани на 27 април, беа ослободени од кривична одговорност, со што се случи селективна правда. Грчкиот истражувач од Харвард, Ангелос Христогелос, во американскиот „Тајм“ тврди дека со Договорот од Преспа е жртвувано правото во нашата држава.
Со оглед дека му истекува рокот на СЈО, се отвора проблемот како тоа да се вгради во правосудниот систем на нашата држава. Опозицијата бара тоа да се распушти, да се спои со Јавното обвинителство и/ли да се поднови со нови кадри. Власта декларативно бара СЈО да продолжи да работи со досегашниот персонален состав. Во тек се преговори меѓу власта и опозицијата, со кои треба да се одлучи за судбината на СЈО. Мошне индикативно е тоа што во центарот на вниманието се персоналните прашања, а не надлежностите и опсегот на работењето на СЈО. Поранешната власт, која владееше 11 години, успеа со свои партиски кадри широко да се етаблира во системот, така што е во состојба да открива афери и криминал на новата власт. Не е никаква тајна дека ниедна власт не сака да биде контролирана и да одговара за нелегални активности.
Уште пред формирањето на СЈО јавно настапив со идеја јавниот обвинител да го предлага опозицијата, со цел ефикасна контрола на власта. И натаму останувам на оваа идеја, но, истата да почне да се применува откако СЈО ќе ги оконча започнатите постапки и евентуалните нови предмети кои би произлегувале од аудиовизуелните записи.
Имајќи предвид дека состојбите со правосудството се очајни и претставуваат мошне сериозна пречка за зачленувањето на нашата држава во НАТО и во ЕУ, а, кои, со селективната правда за настаните од 27 април, додатно се влошени, постои потреба СЈО и натаму да опстои и да продолжи да работи како независна, самостојна институција. Добро би било СЈО во Собранието да биде изгласано со поддршка од сите парламентарни партии. Си земам слобода да изнесам идеја како и опозицијата да се придобие да гласа за СЈО. Треба да се зголеми бројот на обвинителите со уште 3-4 нови обвинители, кои би се бирале во Собранието со двотретинско мнозинство од 6-8 кандидати кои би ги предложила опозицијата.
СЈО би продолжило да работи на стари, но, и на нови предмети кои би се покренале врз основа на аудиовизуелните записи, додека обвинителите кои би биле избрани на предлог на опозицијата би работеле на истражување и процесуирање на криминалот и корупцијата на актуелната власт. Имајќи предвид дека партизираното судство е сериозна пречка за создавање услови за воспоставување на владеењето на правото, постои потреба да се реализира старата идеја за формирање и на специјален суд за предметите што ги води СЈО. Нема и не може да има суштински реформи на судството без самостојно и зајакнато СЈО и без специјален суд за предметите на СЈО!
Дали македонските политички елити можат да се договорат да го сотрат СЈО со цел да ја спречат казнивоста за криминал и за корупција? Евентуален ваков договор би означил дефинитивен крај на владеењето на правото во нашата држава што сериозно би можело да го загрози и нејзиниот опстанок!