Без судско гонење на полицајци и граѓани кои ќе убијат злосторник, предлага претседателот на Бразил

429
ФОТО: EPA / Marcelo Chello

Ултрадесничарскиот бразилски претседател Жаир Болсонаро изрази надеж дека криминалците „ќе умираат на улиците како бубашваби“ по новиот закон кој бара да биде усвоен.

Болсонаро се надева дека законодавците ќе го одобрат неговиот контроверзен план, кој ќе ги штити од судско гонење полициските и воените сили, но и граѓаните кои ќе убијат злосторник.

Активистите за човекови права стравуваат дека тоа би можело да предизвика масакр, но Болсонаро тврди дека со тоа ќе им овозможи потребна „правна заштита“ на полицајците кои користат оружје во својата работа и истовремено смета дека тоа ќе придонесе за драстично намалување на насилството.

Болсонаро тврди дека бразилската полиција води нерамноправна борба против криминалот и треба да се награди за користење на оружјето, а не судски да се гони. Покрај полицајците, и чесните граѓани заслужуваат заштита доколку убијат некого штитејќи го својот живот или имот, смета бразилскиот претседател.

Воената полиција во Сао Паоло убила 414 луѓе во првата половина од годинава, што е најголем број од 2003 година досега. Во Рие де Женеиро полицијата само во првите три месеци од 2019 година убила 434 лица, што претставува рекорд во повеќе од две децении.

Според службени податоци, бразилската полиција минатата година убила речиси 6.200 луѓе, а во 2017 година 5.225.

ФОТО: EPA / Marcelo Chello

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...