Без Северна ќе капитулира Македонија

Можност за ревидирање и за поништување на Преспанскиот договор секогаш постои, но таквиот потег е премногу ризичен и во најлош случај може да значи капитулација на државата, објаснуваат експертите.

2228

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од идејата да го ревидира Преспанскиот договор ако победи на предвремените парламентарни избори во април и доколку освои двотретинско мнозинство во Собранието.

Оттаму тврдат дека таквиот потег нема да го блокира европскиот пат по којшто чекори Македонија, туку напротив, како што додаваат, земјава и тогаш може да биде горд сојузник на своите стратешки партнери.

Од друга страна, пак, од владејачката СДСМ предупредуваат дека евентуалното укинување на Договорот со Грција би ја уназадило земјава за најмалку 25 години, би се вратила привремената референца ПЈРМ, а како што потенцираат, најлошо е тоа што автоматски ќе прекинат преговорите за членство во НАТО и во ЕУ.

Според експертите за меѓународна политика со коишто разговараше Плусинфо, можност за ревидирање и за поништување на Преспанскиот договор секогаш постои, но како што велат, таквиот потег е премногу ризичен и во најлош случај може да значи капитулација на државата.

Опасна авантура

Првиот министер за надворешни работи и актуелен советник во Кабинетот на претседателот, Денко Малески, објаснува дека за секој постигнат договор постои отворена можност да биде раскинат, но предупредува дека евентуалното поништување на Договорот од Преспа може да значи крај за европската перспектива на Македонија.

– Имавме доволно време за да сфатиме дека единствениот излез за Македонија е постигнување компромис со Грција. Тој компромис сега е направен и вратите за влез во НАТО и во ЕУ ни се ширум отворени. Секакво играње со Преспанскиот договор може да ѝ наштети на државата токму во насока на евроатлантските интеграции. Очигледно, една од важните теми на претстојните избори ќе биде емотивното прашање за државното име. Опозицијата ќе се обиде да капитализира од проблемот со името – вели Малески за Плусинфо.

Тој смета дека евентуалната ревизија на Преспанскиот договор ќе ја заглави Македонија и дека таквиот потег ќе создаде една многу лоша слика за нас како народ и како држава.

– Постои една воспоставена пракса во цивилизираниот свет, а тоа е секоја идна влада да ги почитува договорите што ги постигнала претходната влада. Во нашиот случај, обидот за поништување на Договорот со Грција ќе претставува една страшна и опасна авантура која ќе ги разбуди националистите во Атина и во Скопје. Тоа што во моментов е многу важно е политичарите да ги земат предвид последиците и проблемите во коишто може да западне државата – објаснува Малески.

Ревизијата е изводлива

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, пак, смета дека лажни се тврдењата оти земјава не би можела да стане членка на ЕУ и на НАТО без претходно да биде постигнат Преспанскиот договор.

– Факт е дека државата речиси ништо не направи за навремено да го реши проблемот со името, а како резултат на тоа бевме присилени на капитулација. Поништувањето на Договорот од Преспа не е едноставна задача, меѓутоа неговата ревизија е апсолутно изводлива. Опозицијата е во право кога вели дека може истовремено да се работи на два фронта, односно на ревизија на Преспанскиот договор и на европските интеграции. За тоа е потребна голема умешност, способност и одлучност да се издржи во одбрана на македонизмот. Првиот чекор мора да биде бришење на „ерга омнес“ и тоа зависи само од нас – објаснува Никовски.

Од друга страна, сите клучни меѓународни партнери досега го поздравија Преспанскиот договор и го посочија како пример за помирување во регионот.

Слична порака испрати и новиот еврокомесар Оливер Вархеји, кој истакна дека имплементацијата на Договорот од Преспа мора да продолжи независно од тоа која партија ќе победи на изборите во април.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...