Наспроти паметниот официјален став на СДСМ за потребата од „длабинска истрага“ за случајот на рекет, изнуда и перење пари, за кој е осомничен сега веќе притворениот Бојан Јовановски, популарниот Боки 13-ка, читам дека некои другарчиња се обидуваат скандалот за милионскиот рекет да го забошотат со еден опасен спин, со една теза чија исходишна точка повторно ќе биде – опструкција на правдата.
За што станува збор? Спинот се состои во тврдењето дека Јовановски навистина зел 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев и навистина барал уште неколку пати по толку (еве, самите спинери ја кршат презумпцијата на невиноста на нивниот „штитеник“), но тоа не го прави Боки 13-ка обичен рекетар, туку современ Робин Худ, кој успева да ги „зафркне“ богатите, да им земе пари и по принципот „пола пије, пола шарцу даје“, еден голем дел да задржи за себе, а дел од тие валкани пари да им подари и на сиромашните.
Толку ли е тешко да се разбере како се „служи“ правдата?
Другарчиња, ќе се обидам да ви објаснам зошто оваа теза е многу опасна, зошто претставува обид за класична опструкција на правдата и зошто ги убива сите надежи дека еден ден во оваа држава ќе видиме вистинска правда, без која, како што вревевме на протестите против режимот на Груевски, нема мир. Ве молам внимателно да ја прочитате оваа куса лекција, бидејќи постои опасност некои од вас опасно да забраздат и да бидат повикани од обвинителката Вилма Русковска и од судот, кои се исправени пред една многу сериозна задача.
Јас сфаќам дека во перцепцијата на обичните луѓе секој моќен бизнисмен е олигарх, секој богат човек е арамија, секоја убава жена е курва, секој лекар е корумпиран, секој успешен новинар е нечиј платеник… Ги разбирам тие стереотипи, но не разбирам како е можно просечно образовани луѓе (со средно, на пример), да не можат да сфатат дека служењето на правдата во едно цивилизирано општество налага невиноста да се претпостави, а вината да се докажува. И сето тоа во процедура строго пропишана со закон.
Ме прашуваат многумина, дали Орце Камчев е олигарх и криминалец? Одговарам – не, додека во валидна судска постапка (многу е важен зборот „валидна“, ќе видите зошто) не се докаже спротивното. Еве, хипотетички, да замислиме дека Орце зел калашников и убил петнаесет луѓе на улица – тој ќе остане невин за ова злодело, дури и веднаш да признае дека пукал, сѐ додека судот, во валидна судска постапка, со изведување на квалитетни докази (сведочења, материјални докази итн), не ја докаже неговата вина и не му ја одмери казната. Па дури и тогаш, Орце ќе има право на жалбена постапка, сѐ до конечната, правосилна судска пресуда.
Толку ли е тешко ова да се разбере?
Она што важи за Орце, важи за сите. Важи и за Бојан Јовановски. Правдата не ја „делат“ царот, или говедарот, или владата, или медиумите и новинарите. Законот се спроведува во редовна судска постапка, со почитување на законските одредби и темелните принципи на судската процедура, од кои меѓу најважните се презумпцијата на невиност и правото на одбрана. Затоа е екстремно важно да не се дозволи било кој, дали од блажено незнаење, дали со добра или со зла намера, дали со умисла или непромислено, сеедно, да ги компромитира судските постапки. Искомпромитираните судски постапки во принцип водат до паѓање на обвиненијата и до одбивателни пресуди.
Во името на „јавниот интерес“
Кога поранешниот опозиционер и сегашен премиер Зоран Заев дојде во посед на илјадници нелегално прислушувани разговори – кои, повторувам по кој знае кој пат, според Законот за кривична постапка (член 12 став 2) не смеат ни да се употребуваат како докази, а камоли врз нив да се засновува судска пресуда! – под притисок на јавноста, словото на законот беше прекршно и во името на „јавниот интерес“ беше дозволено т.н. бомби да се емитуваат јавно. Би рекол, бесправно, но со многу добра причина. Потоа, со Пржинскиот договор, беше формирано Специјалното јавно обвинителство, со цел врз основа на овој материјал да покренува истраги и обвиненија. Тој потег јавноста го дочека со големо одобрување, а трите специјални обвинителки веднаш станаа хероиини на нацијата и естрадни ѕвезди.
Што требаше да стори СЈО? „Трите грации“, на чело со Катица Јанева, требаше да ги искористат нелегално прислушуваните разговори како индиции за поведување сериозни (баш длабински, одговара тој збор) истраги и да прибираат други докази – изјави на сведоци, материјални докази, вештачења и слично. За да ја оствари таа цел, СЈО беше одлично кадровско екипирано и опремено со солиден буџет. Затоа сите се понадевавме дека токму оваа институција ќе биде лицето на нашата нова правда.
За жал, како што напишав повеќе пати (и со тоа го навлеков гневот на голем дел од јавноста), СЈО сериозно потфрли. Точно, беа покренати многу случаи, но во повеќето од нив не беа спроведени длабински истраги, не се дојде до квалитетни материјални докази и затоа се инсистираше судот да ги прифати нелегално прислушуваните разговори како крунски докази. Да повторам уште еднаш – отворете го Законот за кривична постапка и ќе видите дека тоа не е дозволено, а тоа значи дека сите судски пресуди што се засновуваат на вакви „докази“ ќе паднат во вода (кога и да е). Дополнително, СЈО брифираше група новинари за своите кејсови (како „Империја“, на пример), со јасна цел обвинетите да бидат осудени од јавноста, пред тоа да го стори судот. Сето тоа заедно беше едно опасно кршење на презумпција на невиноста и на основните процедури во судските постапки.
Рекетот го доуништи кејсот „Империја“
Но, она што не го знаевме до вчера (јас го знам малку подолго) и што сега, по приведувањето на Боки 13-ка сите силно нѐ вознемири, е дека „бомбите“ што биле во посед на СЈО биле злоупотребени за рекетирање на жртвите. Не бил само Камчев жртва на таков рекет. Повеќе бизнисмени се уценувани, а нивните имиња веќе се вртат на мрежата. Освен што рекетот и изнудата се опасни кривични дела сами по себе, во случајов тие прават уште поголема штета. Имено, со сознанијата за рекетот – кои се цврсто документирани, другарчиња, не се зафркавајте, има докази ко врата! – дефинитивно е искомпроимитирана и целата судска постапка во случајот „Империја“.
Компромитацијата на овој кејс не е само на штета на нечија голема желба Орце да се прикаже како криминалец и да се одведе зад решетки. Не, компромитацијата е и на негова штета, зашто му оневозможува да се брани, да го побива обвинението и да докажува дека не е виновен за делата што му се ставаат на товар. Со еден збор, сега нема начин судската постапка да продолжи и да стаса до пресуда (осудителна или ослободителна, сеедно), која ќе може да се смета за валидна. Целиот кејс е парампарче сторен и нема ништо поприродно од барањето тој сега да се затвори, за утре евентуално повторно да се покрене, од некој друг обвинителски состав, во некои други околности, кога обвинителите квалитетно ќе ја докажуваат основаноста на сомневањата дека Камчев сторил кривично дело (или дела) и потоа ќе влезат во квалитетна доказна постапка, а осомничениот или обвинетиот ќе добијат шанса да го докажуваат спротивното. Да бидам искрен, мислам дека со ова второво и јас сум во офсајд, бидејќи тешко да има логика во обновувањето на кејсот, имајќи го предвид правниот принцип дека на едно лице не може два пати да му се суди за исто дело.
Деца, мора да научите како функционира вистинската правда. За тоа е потребно малку повеќе од просек 6,2 на Правниот факултет. Мора да сфатите дека секој ваков налудничав спин, секој обид било кој да се „осуди“ прекутрупа, без судење, без почитување на законот и на судските процедури, дополнително го уништува веќе пропаднатиот случај, го сведува на обична порталска сапуница. Тоа што сега парановинари и будалетинки ги преобјавуваат детаљите од пропаднатиот случај „Империја“ и се обидуваат сите да нѐ импресионираат со оние нацртани мапи со имиња на разни фирми и личности, сето тоа е убаво онака за „уметнички дојам“, ама од правен апскет значи само уште една компромитација на процесот, а сега веќе и опасна опструкција на правдата во новиот случај што се отвора – против Бојан Јовановски и другите (Боки е 13-ка, мора да има уште дванаесет).
Длабинска истрага, тоа му е мајката! Така вели СДСМ. И во право е. А кога истрагата пенетрира длабински, секое копрцање е непожелно. Од добро познати причини. Се разбираме ли, другарчиња?