Без алатка БИМ ќе нема градежен бум

Воведување на БИМ на национално ниво е едно од барањата на новите правила за јавни набавки на Европската комисија, во доменот на градежништвото.

340

Од 20 до 40 отсто пониски трошоци за градба и одржување на објектот и 10 отсто заштеди во времето на градба ќе имаат јавните институции и градежните компании со воведувањето на дигиталната алатка Информатичко моделирање на градби (БИМ) преку која се следат карактеристиките на градбите, односно нивниот животен циклус од проектирањето до потребата за реконструирање. Тие ќе бидат и поконкурентни на пазарот, а ќе имаат и помалку отпад, оптимално користење на енергијата, ефикасност на ресурсите, а ќе се обезбедат повисоки и побезбедни стандарди на живеење и подобри услуги на јавниот сектор.

Ова беше речено на денешната прес-конференција во Стопанската комора на која беше презентиран досегашниот тек на проектот за дигитализација на градежната индустрија и она што следи до завршување на проектот во октомври 2020 година.
Проектот, како што информира Лихнида Стојановска-Греоргиевска од ФЕИТ е на половина од реализирањето.

– Досега се завршени обуките и се сертифицирани 49 архитекти, како и 40 инженери и 24 инсталатери во делот на обновливите извори на енергија, а претстои уште промоција и реализирање на обуките за БИМ и онлајн обука кои треба да се реализираат во декември а на која обучувач ќе биде БИМ Академијата од Шпанија. Проектот треба да заврши со изработката на road map за воведување на алатката во земјата – рече Стојановска-Георгиевска.

Процесот на обуки и наставните програми, според неа, ќе биде според актуелниот Закон за образование на возрасни, а лиценцирањето на посетителите на обуките е во рамки на акредитацијата која ја има БИМ Академијата од Шпанија. По завршувањето на проектот обуките на заинтересираните кандидати ќе бидат реализирани преку Центарот на знаење за менаџмент и вештини каде што најставната програма ќе биде преземна.

Ристо Иванов од Здружението на бизниси и консултанти „Креација“ кое заедно со Комората и ФЕИТ го реализираат проектот TRAINEE, појасни дека јавниот сектор треба да го преземе лидерството во воведувањето на дигиталната алатка БИМ во градежната индустрија што е и стратегија на Европската унија.

– Државата треба да одреди дали алатката ќе се користи само во јавниот сектор или таа ќе се применува во целокупното градежништво. На пример од јануари идната година во Германија сите инфраструктурни и јавни работи треба да бидат планирани и градени со БИМ методологијата. Во Ирска БИМ е задолжителен за која било работа во здравството, а во Италија за сите јавни објекти во вредност над 100 милиони евра. Велика Британија, пак, од 2017 година ја применува во сите програми за социјално домување – информира Ивановски.

БИМ претставува интелигентен процес/платформа за соработка и за проектирање, моделирање, планирање во архитектурата, градежништвото и другите инженерски фази.

Воведување БИМ на национално ниво е едно од барањата на новите правила за јавни набавки на Европската комисија, во доменот на градежништвото.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...