Иселувањето, масовниот егзодус на младите, е прашање кое надвиснува над претстојните ЕУ-избори во Хрватска, најмлада членка на Унијата, од која, според некои проценки, по добивањето на членството во 2013 година се иселиле околу 500.000 луѓе. Тој процес на празнење од население, при што голем број помали хрватски градови остануваат речиси без млада популација, продолжува со несмалено темпо.
Едно од најважните прашања за граѓаните на ЕУ во последните недели од кампањата за изборите за Европскиот парламент, што ќе се одржат од 23 до 26 мај, се миграциите. Но за разлика од богатите земји од Западна и Северна Европа, каде што мнозинството граѓани смета дека ова прашање, поврзано со мобилноста на мигрантите, е еден од најголемите предизвици за Унијата, во земјите во Јужна и Источна Европа посебно загрижува процесот на континуирано иселување на сопственото население.
Тоа го покажува една анкета објавена деновиве по нарачка на осум европски дневни весници, меѓу кои се „Ел Паис“ и „Соар“. Пред претходните ЕУ-избори во 2014 година за мнозинството европски граѓани како најголем предизвик се наметнуваше економската ситуација, невработеноста и државните долгови. Но денес во фокусот на вниманието се наоѓаат миграциите (35 проценти од анкетираните) и климатските промени (29 проценти).
Јазот меѓу ЕУ-членките, според актуелните трендови каде се создаваат работни места за високи или ниски квалификации, се зголемува. Тоа го покажува извештајот на Европскиот синдикален институт (ЕТУИ), при што основна тенденција во Јужна и Источна Европа е дека речиси целиот пораст на работни места се случува во рамки на нискоквалификувани сектори како трговија, туризам и производство. Работниците во Романија, Бугарија, Унгарија, Латвија и Хрватска земаат најниски плати во Европската Унија.
Според податоците од ЕТУИ, Хрватска бележи наајголем пад на платите во источните земји членки на ЕУ во периодот од кризната 2008 година до денес, при што како параметар е земено движењето на просечната плата во однос на просекот на плати во западните држави на ЕУ, односно во рамките на т.н. ЕУ15. Во наведениот период просечната плата во Хрватска паднала од 43 на само 37 отсто од западноевропскиот просек. Распонот во останатите држави од истокот на ЕУ се движи од најниско рангираната Бугарија со 18 отсто, до Естонија со 42 отсто од западноевропскиот просек.
Во сивата зона на долгорочниот негативен природен прираст на население, почнувајќи од 2000 година па наваму, јасно се присутни Грција, Полска, Унгарија, Хрватска, Естонија, Романија и Бугарија. Зависно од големината на земјите, тоа отприлика значи дека секоја година кај нив исчезнува по еден град во големина од 50 до 100 илјади жители.
Моментно не постојат сериозни аргументи и показатели кои би можеле да укажат дека иселувањето, според примерот на Хрватска, мерено со стотици илјади “празни стомаци“ што ја напуштаат земјата, би можело да биде запрено во Македонија по зачленувањето во ЕУ. Богатите и економски развиени земји, во безграничната шенгенска зона на ЕУ, едноставно функционираат како сунѓер за мигранти, без оглед дали станува збор за ниско или висококвалификувана работна сила.
Во Македонија политичките лидери, и од власта и од опозицијата, често испраќаат пораки дека се неопходни сериозни заложби и реформи во општеството што ќе го запрат иселувањето, посебно кога станува збор за одливот на високообразувани кадри. Мерките што се преземаат во таа насока, со цел за зајканување на економскиот раст и подобрување на животниот стандард, се уште не покажуваат позначајни ефекти за да ги одвратат луѓето од потрга по подобар живот во странство.
Македонските партии прашањето на масовно иселување на младите го споменуваат главно на декларативно ниво во предизборните кампањи, во беспоштедната борба за гола власт, која е всушност и главниот двигател во политчката борба. Опозицијата, според досегашните повеќедецениски исксутва во Македонија, демне зад секој агол и изразува задоволство од неуспесите и економските промашувања на Владата, при што за големите национални пројекти за соочување со крупни предизвици, за развој на земјата и отворање на нови работни места со повисоки плати, по правило се манифестира – недоволна заинтересираност. И немоќ.