Безглутенското брашно кое им следува на лицата со целијакиа ќе може на рецепт да се зема и од специјализирани продавници, ако го нема во аптеките. На оние осигуреници кои во меѓувреме го купувале, парите ќе им бидат рефундирани – најавија од Фондот за здравствено осигурување на денешниот брифинг со новинарите.
По поплаките од Здружението на лица со целијакиа, дека во многу аптеки не го издаваат ова брашно на рецепт, со доплата, од Фондот од петокот проверуваат каде го има ова брашно.
– Во Скопје, на пример, брашното го има во аптеките, во Прилеп исто така, и во Штип го има во една аптека. Таму каде што го нема во аптеките, осигурениците слободно ќе може да го набават и од специјализирани продавници. Фондот ќе им ги врати парите – велат од Фондот.
Една од главните причини поради кои аптеките не го издаваат овој производ се ограничените квоти со лекови.
На секој пациент со целијакиа на рецепт и со доплата му следуваат по 5 килограми безглутенско брашно месечно.