По поплаките на пациентите со целиакија дека во повеќето аптеки не може да се најде безглутенското брашно кое следува на рецепт со доплата, од Фондот за здравство најавија дека ќе ја проверат состојбата, а дека во меѓувреме, ова брашно може да се набавува и од специјализирани продавници. И дека на сите оние осигуреници кои го купиле брашното, Фондот ќе им ги врати парите.
Една од причините поради која дел од аптеките не го набавувале и издавале ова брашно во овие неколку недели, се и ограничените, но и намалените квоти со лекови во некои од аптеките.
Од Фондот најавуваат новини за безглутенското брашно, до кое пациентите наскоро побрзо ќе треба да стасуваат.
– Во врска со прашањето за безглутенското брашно, Фондот се информираше дека брашното се увезува и го има во доволни количини и сите осигуреници кои не можат да го најдат на рецепт, парите ќе им бидат рефундирани по референтна цена. Во скоро време Фондот подготвува и измена на “Правилник за критериумите за склучување договори, утврдување на постапка за определување на месечниот износ на средства и начинот на плаќање на здравствените услуги на здравствените установи кои вршат обезбедување на осигурените лица со лекови на рецепт од листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот во примарна здравствена заштита”, со која безглутенското брашно ќе се изземе од месечните квоти и нема да има лимитирачки фактор од аптеките за обезбедување на безглутенското брашно – изјавија денеска од Фондот за здравство.