Само 20 компании кои произведуваат храна во земјава го применуваат стандардот ISO 22000 кој се однесува на управување со безбедноста на храната и подразбира следење на производот од фарма до трпеза. Овој стандард е посебно важен за компаниите кои се извознички поради конкуренцијата, но и за оние на кои им е важна довербата на потрошувачите.
– Компаниите кои производеуваат храна не се обврзани, но е добро да го поседуваат и овој сертификат. Процесот на негово добивање трае шест месеци и не е скап со оглед на поволностите кои ги носи – вели Емилија Тодоровска од Стопанската комора.
Стандардот ја има предноста во однос на многуте други стандарди бидејќи ја покрива целата организација и придонесува да се осигура безбедноста на храната низ целиот синџир на исхрана од фарма до маса.
– Ова станува од суштинско значење бидејќи опасностите се појавуваат во било која фаза од синџирот на исхрана. Овој стандард ги поддржува целите на ОН за одржлив развој преку намалување на болестите поврзани со храна и поддршка на подобро здравјето на луѓето, бидејќи 2,2 милиони луѓе годишно страдаат поради неисправна храна и вода – вели Тодоровска.
Искуствата на компаниите кои го имаат воведено системот се дека им гарантира производство на безбедна храна што е важно за конкурентноста.Главно воведувањето на системот ни обезбедува безбеден и висококвалитетен производ.
– Раното внесување на ISO 22000:2005 како и применување на принципите на кои се базира, даде многу позитивни резултати и иницираше конструктивни промени. Ни овозможи јасно да ги дефинираме одговорностите и надлежностите на сите вработените, ја зголемивме свесноста околу прашањата за хигиена и безбеден производ. Воспоставивме квалитетен однос со купувачите, добавувачите и вработените. Обезбедивме следливост како најважен дел, го проширивме пазарот и продажбата на масло без ниту една рекламација. Безбедниот производ е најважното прашање во меѓународната трговија и тоа мора да се почитува – вели Жаклина Георгиева, шеф на лабораторија Фабрика 3 Брилијант која работи во составот на „Витаминка“.
Олга Ристеска од „Витаминка“, пак, најави дека компанијата „Витаминка“ планира да воведе последна верзија на сертификатот во сите три делови на производството, што подразбира и обнова на сертификатот и во „Брилијант“.
– За исполнување на овие принципи Витаминка има воспоставено и доследно го применува и подобрува Системот за управување со квалитет и животна средина усогласен со барањата на стандардите ISO 9001:2015 и ISO 14001:2015, Системот за анализа на ризикот во критичните контролни точки – HACCP систем, усогласен со принципите и препораките на Codex Alimentarius Commission и Светската здравствена организација, како и системот за безбедност на храната во согласност со IFS стандардот, секако почитувајќи ги притоа сите важечки законски прописи. Сите стандарди кои се однесуваат на управување со процесот, следење на набавниот и производниот синџир, складирање и доставување, редовно и навремено се надградуваат следејќи ги најскорешните препораки и промените наметнати од потребите за што поголема безбедноста на производите – вели Ристеска.
Целта на ISO 22000 е да се усогласат на глобално ниво барањата за управување со безбедноста на храната за компаниите во синџирот на исхрана. Посебно е наменета за примена од организации кои бараат пофокусиран, кохерентен и интегриран систем за управување со безбедноста на храната отколку што вообичаено се бара со закон.
Се бара компанијата да ги исполни сите законски и регулаторни барања поврзани со безбедноста на храната преку својот систем за управување со безбедноста на храната.