БЕГ не оди во стечај, ама планира 24-часовно греење на домовите

Во изминатите години, како што рече Кочовски, БЕГ инвестирал 10 милиони евра како што било договорено.

1031

Балкан енерџи груп (БЕГ) нема да оди во стечај. Неоснованото побарување на една компанија ќе биде решено во судска постапка која е во тек, изјави генералниот директор на БЕГ, Димитар Кочовски, на денешната средба со новинарите по повод петгодишнината од преземањето на производството и дистрибуцијата на топлинската енергија во Скопје.

– Во октомври ќе има стабилно и сигурно снабдување со топлинска енергија. Физички, финансиски и производствено ќе бидеме подготвени за грејната сезона – рече Кочовски.

Тој со неговиот тим, како што рече, се подготвени да му помогнат и на Град Скопје во однос на намалувањето на аерозагадувањето и преземањето на дистрибутивната мрежа.

– БЕГ има 35-годишна лиценца за снабдување со топлинска енерегија – вели Кочовски.

Тој не можеше да каже каква цена ги очекува скопјани од наредната грејна сезона, бидејќи одлуката за тоа ја носи Регулаторната комисија за енергетика. Тој соопшти дека во изминатите пет години цената на топлинската енергија е намалена во однос на она што било пред тоа.

– За овој период за 31 отсто е намалена цената кај домаќинствата, за 51 отсто кај деловните субјекти и 65 отсто кај образовните институции – рече Кочовски.

Тоа, додаде тој, е резултат на модернизацијата и развојот на централното греење, зголемувањето на енергетската ефикасност и намалувањето на оперативните трошоци кои во за пет години изнесуваат вкупно 4,3 милиони евра.

БЕГ во овој период го зголемил и бројот на корисници за 6.300 нови, од 44.000 корисници во 2012. на  51 илјада во 2017 година, а она што го планира во иднина за своите корисници е 24-часовно загревање за што се подготвува техничката база.

Во изминатите години, како што рече Кочовски, БЕГ инвестирал 10 милиони евра како што било договорено.

– Воведувањето нови технологии и стандарди на одржување ја зголемија и ефикасноста на системот за централно греење од 82 отсто во 2012 година на 88 отсто во 2017 година, а новите проекти кои се во тек и кои ќе се реализираат во следниот период ќе обезбедат понатамошен раст на овој значаен показател. Нашите заложби се ефикасноста на системот за централно греење со кој управува БЕГ да достигне 92 отсто – вели Кочовски.

Меѓу поголемите и позначајни зафати во производството на топлинска енергија се: заокружување на гасификацијата во сите производствени постројки, реконструкција на електро разводните построенија и пумпи, автоматизација на управувањето со технолошките процеси, реконструкција на бетонскиот оџак на ТО Исток со цел работа на котлите во енергетски ефикасни режими, воведување нова технологија за еколошка подготовка на вода без хемикалии, а веќе е конзервирана малата и неефикасна топлана „11 Октомври“.

– Во делот на дистрибуцијата континуирано се реконструира топловодната мрежа во најголем дел стара повеќе децении (повеќе од 16 километри траси), четирикратно се намалени загубите од истекување во системот, имплементиран е модерен систем за мониторирање и брза детекција на дефекти, изолирани се повеќе од 600 распределителни шахти, изградени се две нови препумпни станици, воведени се нови методологии за испитување и одржување на мрежата со постапки за превентивно хидраулично испитување. Во тек е замена на два магистрални водови во вкупна должина од 4,5 километри од кои 45 отсто се завршени – рече Кочовски.

Во делот на снабдувањето со топлина, активностите се насочени кон подобрување на односот со потрошувачите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...