Бегство од слободата

Дали е замор во прашање? Или несигурност? Или е, сепак, проценка на нејзиниот штаб дека професорката потешко ќе се снајде пред камерите доколку ѝ се постават вистинските прашања?

2146

Трогателни се криците на опозицијата за недостаток на демократија во Македонија, под „чизмата на Заев“. Многу зборови потрошија на темите поврзани со слободата и правдата во земјата. Завршните настапи пред првиот изборен претседателски круг се преполни со жестоки тиради за тоа дека единствената надеж, единствениот спас пред дефинитивната и комплетна пропаст на македонскиот народ, е да се избере Силјановска Давкова за следен претседател на државата. Или тоа – или катаклизма за Македонецот, со библиски пропорции!

И, до тука, е во ред. На нашата опозиција ѝ доликува да го најавува крајот на светот, бидејќи најголемиот дел од нивните врвни функционери – почнувајќи од Мицкоски, па надолу – никогаш пред тоа и не биле во опозиција, не знаат како е да не си на власт, не можат сосема да се снајдат, им недостасуваат срдечните насмевки на апаратот на власта и уште посрдечните буџетски потенцијали на власта. Најтешко е човек да ги смени навиките, а долги единаесет години владеење го прави човека роб на таа ужасно убава навика.

Но, ако опозицијата мисли дека треба да ја критикува власта во секоја, а особено во изборна пригода, зошто нивната професорска кандидатка за претседател одбива да се појавува на телевизиски разговори каде што ја канат?! Не е ли смислата на критиката таа што пошироко да се чуе, дополнително кога имаш прилика да го раскажуваш своето партиско евангелие пред публика која не сече вени, неопходно, по тој „свет текст“? Оти, ако ви успее настапот пред такви гледачи, секоја „украдена“ душа од поддршката за противниците се брои двојно: ем тие ја загубиле, ем вие сте ја придобиле на своја страна – така резултатот е 2:0, во гости.

Сепак, професорката бега. А потоа озборува.

На пример, со колегите од 1ТВ со недели ја молиме, по сите средства за комуникација, да ни гостува на програмата, речиси по нејзин избор и на време и на домаќин со кого ќе разговара, а таа надмено, не нè удостојува дури ни со одговор на отворената покана.

Сега, еве, разбравме дека не се појавила ни на закажаното и нашироко најавувано интервју на ТВ Телма, иако претходно го потврдила своето учество…

Дали е замор во прашање? Или несигурност? Или е, сепак, проценка на нејзиниот штаб дека професорката потешко ќе се снајде пред камерите доколку ѝ се постават вистинските прашања?

Памтите каков беше Груевски – само на сигурно, со проверени прашања и со клинички „дезинфициран“ водител кому не смее да му се случи непредвидено прашање. Силјановска Давкова многу брзо ја напушти желбата и во односот кон медиумите да се разликува од формулата за тоа пропишана во „Зелената книга“ на груевизмот. Па, можела нешто да ископира и од Мицкоски кој не се плаши медиумски да се појави и пред своите најголеми критичари – што и како зборува потоа, е друга работа…

Како и да е, односот на професорката претставува еклатантно бегство од слободата. Тие што бегаат од неа, немаат право да се жалат по митинзи, а ни по други телевизиски емисии, дека некој им ја ускратува.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...