Груевски ја дувна. Тоа беше очекувано. За сите, освен за полицијата и надлежните. Тие беа изненадени!
Но и тоа не е толку лошо затоа што можеби министерот за полиција сега ќе сврти малку по литературата и ќе види дека улогата на полицијата, во едно општество кое претендира на демократичност, е во превенцијата, а дури потоа во репресијата. Со такви сознанија ни Заев нема да не убедува дека никој од надлежните не бил виновен за бегството.
Се кристализира сознанието дека Груевски не можел да побегне без солидна помош од државни службеници, од полицијата, граничните и пограничните служби, без некој дебело да замиже на знаците за очигледна намера за бегство. И некој да се запраша – кој од тоа профитирал? Зашто, Груевски, ако ништо други, има многу пари! Иако прислушувањето кај нас е демек непопуларно, никој не верува дека тој не бил прислушуван. Дека никој не забележал дека наместо „Тоа на М“, го споменува „Тоа на Б“. Ако е така тогаш тоа е чиста глупост. Исто како што е глупост да не забележи дека Груевски ги испразнил сите сметки во банките. Ај да била една, па да се провлечело, ама колку што се сеќавам тој имал на десетици.
Можеби сега ќе почнеме да се сомневаме во можноста за договор , односно премолчен договор за тоа Груевски да си оди за да се релаксира политичката напнатост и конфронтација, па Мицкоски ќе може да дејствува самостојно, без некој да му виси над глава. И можеби да стане поумен и нема да мора да прави толку глупости. Нема да мора да паѓа на колена, нема да мора да прави сè за да прави хаос во надеж дека така ќе го спаси Почесниот. И можеби во ВМРО ќе сфатат дека Почесниот и не е толку чесен, уште помалку почесен.
И една друга работа доаѓа како олеснување. Сите што се сомневаа и не беа сигурни дека Груевски е еден обичен коркач кој силата ја покажуваше само во толпа, сега можат да се разуверат. Кога зборувавме дека тој тренирал бокс но никогаш не излегол на меч да одбоксува три рунди, не сметаа за злобници. И кога велевме дека е необразуван, со скуден речник, без харизма… Ќе ни стане јасно зошто тој никогаш не излегол на политички дуел и зошто одеше само кај Јанко и Миленко, во инструментализираните медиуми. Ќе ни стане и јасно дека му е баш гајле за сите оние кои правеле криминал по негова наредба. Можеби сега и тие ќе ја кажат вистината.
Бегството на Груевски можеби ќе ги замисли правосудните органи дека треба да реагираат навреме и да не чекаат бегствата да станат правило, а не исклучок. Можеби на надлежните ќе им текне дека не може да опстојува претседател на највисокиот суд кој работи во корист на бегалците. Или ќе чекаат да направи уште нешто? Можеби ќе им текне дека мора да превенираат и во случајот со претседателот на државата кој, кај и да е, ќе направи некоја нова белја како што тоа сукцесивно го прави.
И, можеби, некој ќе ја потсети Гордана Јанкулоска дека таа веќе не е министерка. Зашто таа не покажува дека е свесна за тоа.
Сите ќе мора да направат нешто затоа што не е далеку моментот кога ќе се постави и прашањето за тоа дека власта не направила ништо, односно направила многу спротивно од она што требала да го направи, а за што постојано нè убедуваат. Од праведници, преку ноќ можат да станат – виновници!
Да не биде нашава работа како од вицот што следи:
– Што има ново?
– Еве добив повик за војска.
– Лошо!
– Лошо, ама не толку! Имам два излеза – да избие војна или да не избие. Ако не избие добро, ама ако избие пак имам два излеза – да ме пратат во борба или да останам во заднина. Ако останам во заднина добро, но ако ме пратат во борба, пак имам два излеза. Да не загинам или да загинам. Ако загинам, лошо, но и тука имам два излеза. Да одам во рајот или да одам во пеколот. Ако одам во рајот супер, ама ако одам во пеколот … Ама и таму имам два излеза – да го сретнам ѓаволот или да не го сретнам. Ако го сретнам пак имам два излеза. Јас да го изедам или тој да ме изеде. Ако го изедам супер, ама ако тој мене ме изеде… тогаш имам само еден излез!
Сè се надевам дека ѓаволот нема да нѐ изеде!