Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција води предистражна постапка за поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија. Во овој дел од постапката се прибрани снимки од камери на граничните премини, од пред зградата на Груевски и од соседството, а се бараат известувања и од институции и податоци од банките, беше речено на денешниот брифинг со новинарите во ЈОРМ.
Од Обвинителството посочија дека доколку се утврди одговорност кај некои луѓе за бегството на Груевски степенот на работење ќе се подигне и предметот нема да биде во предистражна постапка.
Груевски на 9-ти овој месец требаше да се пријави во затворот „Скопје“ на издржување на двегодишна затворска казна за „Тенк” за набавката на луксузниот мерцедес. Тој на 13 ноември на Фејсбук напиша дека е во Унгарија каде бара азил од тамошните власти, што го доби после една недела, односно на 20 ноември.