Министерството за здравство информира дека во првите три месеци од годинава на Клиниката за гинекологија биле родени вкупно 1.155 бебиња. Од нив 144 биле предвреме родени и биле третирани на одделот за интензивна нега, а 35 починале.
„Починатите бебиња во периодот од јануари до крајот на март 2018 година спаѓаат во категоријата предвремено родени бебиња. Само едно од починатите бебиња е родено во соодветниот термин, но со медицинска аномалија на органите, која е во рамките на неможност да се исправи“, соопшти Министерството за здравство.
Од таму додаваат дека според статистиката, околу 80 отсто од бебињата починале поради екстремно неразвиени органи и поради исклучително ниска родилна тежина.
Трендот на смртност на предвреме родени бебиња бележи пад. Во 2016 година во првите три месеци од годината починале 38 предвреме родени бебиња, додека лани 41 бебе.
ЈЗУ Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство е најголемо родилиште во земјава и на клиниката се примаат најкомплицираните, најтешки случаи, а се изведуваат и сите предвремени породувања.
– Министерството за здравство укажува дека, за жал состојбите, кои ги затекнавме во најголем дел од родилиштата, не можат да се поправат само за неколку месеци. Ќе треба долго време да се надомести недостигот на стручен кадар, бидејќи повеќе од 10 години не се планирало и не создавал кадар, во согласност со потребите на здравствените установи – велат од Министерството.
Потсетуваат дека пред два месеца објавиле сет мерки, со кои веруваат дека ќе ја сведат на минимум смртноста на новороденчињата и на мајките.