Ќе се формира стручна комисија за неодамнешниот случај со смртта на родилката од Охрид, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче и најави дека вчера се идентификувани и нејзините членови.
– Не сакам да коментирам ништо, додека стручната комисија не направи увид во процесот на лекување на родилката во сите институции каде што била – рече Филипче посочувајќи дека за тие активностите ќе бидат потребни неколку недели, но потоа ќе има конкретни податоци.
На Институтот за судска медицина велат дека обдукцијата на телото на починатата родилка од Охрид не се врши кај нив, туку на Институтот за патологија.
Во однос на тоа дали и колку системската болест лупус можела да влијае на фаталниот исход во овој случај, на што упатуваа од охридската болница тврдејќи дека нема лекарска грешка во случајот, лекарите од Судска медицина со кус коментар:
– Лупус е сериозна болест која може да даде компликации и во бременоста, но не би коментирале дали може да е и причина за смрт во овој случај. Обдукцијата ќе ја утврди вистинската причина за смртта, а со патохистолошките анализи ќе се докаже и дали родилката добила и сепса при породувањето, како што првично беше објавено во медиумите. И тоа ќе се утврди – изјавија од Институтот.
Семејството на 29-годишната родилка ги чека наодите од обдукција, па потоа ќе реши што ќе преземе. Во нивниот дом од завчера е бебенцето, кое две недели по раѓањето, беше отпуштено од болницата во Охрид во добра состојба.