Лидерот на најголемата албанска политичка сила, Демократската партија, Љуљзим Баша го поздрави усвојувањето на уставните измени од страна на македонскиот Парламент и оцени дека овој чин на висока политичка одговорност е историски чекор за консолидирање на регионот.
– Го поздравувам изгласањето за уставните измени од Парламентот на Северна Македонија. Овој чин на висока политичка одговорност е историски чекор за консолидирање на регионот како дел од евроатлантското семејство кој го зајакнува мирот, безбедноста и демократските вредности“, напиша Баша на Твитер.
На изгласувањето на уставните измени реагираше и поранешниот шеф на албанската дипломатија Тритан Шеху.
На социјалната мрежа Фејсбук, Шеху напиша дека Северна Македонија сега во НАТО е многу поблиску до Европската унија и Западот.
Меѓу другото, Шеху високо го оцени придонесот на албанските партии во Македонија.
– Најдобри желби за Северна Македонија.Северна Македонија сега во НАТО и многу поблиску до Европската унија и Западот. Ова е големо достигнување, надминување на тешкотиите и големи пречки, создадени од внатре и надвор од земјата, од оние кои сакаа да ја втурнат кон Истокот. И на овој пат на успехот, клучна движечка сила беше албанскиот политички фактор. Сега верувам дека работите можат да бидат подобри за оваа земја и за нашиот регион, пишува Шеху.
Претходно изгласувањето на уставните измени ги поздрав шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати,кој меѓу друго оцени дека придонесот на албанските политички партии во Македонија уште еднаш се покажал како одлучувачки фактор.