Поранешниот возач во Формула 1, Рубенс Барикело, во интервју за една бразилска телевизија откри дека има среќа што е жив, откако му бил дијагностициран тумор на вратот.
Во февруари итно бил пренесен в болница со силни главоболки, а по неколку дена со операција му бил отстранет туморот.
Барикело во текот на интервјуто првпат јавно ја покажа големата лузна на левата страна, која му останала по операцијата.
– Направив повеќе прегледи за да дознаам за мојата здравствена состојба и по трката, што ја возев на Интерлагос, ми беше откриен мал тумор на вратот. Иако стануваше збор за бениген туморот тој ќе се зголемуваше се повеќе и повеќе – нагласи бразилскиот возач.
Тој наведе дека докторите му објасниле дека нема да има долгорочни и тешки последици.
– Кога ја напуштив болницата, ми кажаа дека само 14 отсто од луѓето се извлекле од ситуација во каква што сум бил јас. Многумина имаат тешки последици или умираат – истакна Барикело.
Легендариот возач во текот на 19-годишната кариера настапуваше за Џордан, Стјуарт, Ферари, Хонда, Брон и Вилијамс. Оствари 11 победи, а вкупно 68 пати се искачи на победничкиот подиум.
Фото: EPA/Giorgio_Benvenuti