Мои пријатели Бугари деновиве ми раскажаа еден стар, добар виц, за кој претендираат дека е од „б’лгарски происход“. Бидејќи не спориме за идентитетски прашања, задоволство ми е да ви го раскажам вицот, обаче на македонски јазик.
После долги години, се сретнале двајца љубовници од младоста, сега веќе баба и дедо. Им се разгалиле душите и решиле уште еднаш да пробаат со „онаа“ работа да се потсетат на младоста. Се потрудиле половите органи да ја оправдаат довербата на старите љубовници, се мачеле, се мачеле, ама без успех. Годините си го направиле своето.
– Е ако – рекла бабата – барем си се видоа после долго време.
Ете, ми текна на овој виц, размислувајќи за исходот од лидерската средба, за која сe изнапишаа толку коментари, зависно од тоа кој за кого навива. Заев го испревари Мицкоски. Не, Мицкоски го надмудри Заев. Ахмети е разочаран… Живи глупости!
Очекувањата од лидерската средба беа преголеми. Треба да се знае дека новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе се обиде по секоја цена да го бојкотира референдумот и да го искористи како добитна предизборна тема. А нема дилеми дека Зоран Заев ќе стори сѐ да не ја прокоцка големата шанса да спроведе успешен плебисцит и дефинитивно да се консолидиура на кормилото на државата.
За жал на Мицкоски, асовите се во ракавот на Заев. Премиерот ја има поддршката од целата меѓународна заедница да го финализира договорот со Грција. Имам впечаток дека веќе ја има и доминантната поддршка од домашната јавност. И странците силно ќе притиснат референдумот да успее. Последен тоа јасно го порача германскиот министер Михаил Рот, овде во Скопје, изјавувајќи дека „претстојниот референдум е момент за одлука за европската иднина за Македонија и одговорноста сега треба да ја преземат сите релевантни политички субјекти во земјата, вклучувајќи ја и опозицијата“.
Да не бидеме наивни. Одлуките за тоа како ќе тече процесот нема да се носат на лидерски средби. И падот на режимот на Груевски не беше договорен на лидерска средба. Овие матинеа служат партиските „органи“ да си се видат, да одглумат партија „жесток секс“, но на фаците на лидерите се гледа дека никој не доживеал „оргазам“ во текот на сеансите.
Затоа, дечки, без занесуење и без фалбаџиство. Процесот на консолидација на меѓународната положба на Македонија ќе продолжи, рестловите на стариот режим ќе бидат елегантно, хируршки отстранети, а досието за палавоста на новата власт веќе се пишува. Вистински секс ќе има, ама кога ќе дојде време. Сите ќе бидат „онадени“, секој според заслугите.