Најавуваните нови барања за екстрадиција на експремиерот, Никола Груевски, и поранешниот разузнавач од Петатта управа, Никола Бошковски, сѐ уште не се пратени до Унгарија и Грција бидејќи Министерството за правда чека да им бидат доставени списите од новата истрага на обвинителството за организаторите и нарачателите на „27 април“, во која двајцата се меѓу осомничените.
Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција не прецизираат кога ќе ги пратат списите од предметот потенцирајќи дека станува збор за обемни материјали кои треба да се преведат на унгарски и грчки.
– Со оглед на тоа дека се работи за обемни материјали за кои во тек е преводот на јазиците на државите од каде се бара екстрадиција на осомничените лица, како и запазување на законските процедури, потребно е време за реализација на постапката. По добивањето на преводот барањата со пропратната документација ќе бидат доставени до Министерството за правда – велат од Обвинителството.
Груевски се наоѓа во Будимпешта, Унгарија, каде избега и побара азил во ноември лани кога треба да замине во затвор да ја одлежи казната од две години во случајот „Тенк“ на СЈО за начинот на кој бил набавен блиндираниот мерцедес.
Никола Бошковски, пак, заедно со ексначалникот на Петатта управа, Горан Грујевски, како обвинети од СЈО за прислушувањето, избегаа во Грција каде беа фатени во обид да пребегаат со лажни бугарски пасоши. Меѓутоа, грчкиот Врховен суд ги одби барањата за нивна екстрадиција повикувајќи се на колективната амнестија која ја даде, па повлече, претседателот Ѓорге Иванов во 2016 година.
И за експремиерот и за поранешниот разузнавач барањата за амнестија сега ќе се прошируваат со новото кривично дело за кое се осомничени за „27 април“ – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во оваа истрага осомничени се и поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, како и двајца министри од владата на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.
Вељаноски е на слобода откако имаше неуспешен обид да му се одземе имунитетот кој го има како актуелен пратеник, Јанакиески и Ристовски, пак, добија притвор, но во моментов само Ристовски се наоѓа во затворот во Шутка бидејќи на Јанакиески му беше уважена жалбата и затворскиот му беше заменет со куќен притвор.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI