Роза Балфур од Германскиот маршалов фонд (ГМФ), специјалист за Европа и за проширувањето на ЕУ, за МИА предупредува дека доколку не помине Договорот со Грција во Собрание, не треба да се исклучи дестабилизација во земјата и во регионот.
– Не се добри изгледите ако пропадне договорот. Историјата покажува дека без национален ангажман, како што видовме во Македонија, статус-квото не само што ја поткопува демократијата, туку и стабилноста. Не можеме да ја исклучиме можноста од влошување на етничките односи во земјата, не велам дека ќе се случи, но ова може да доведе до политичка криза во земјата, но и до дестабилизација пошироко во регионот – вели Балфур.
Како што посочува Балфур, иако меѓународната заедница очекувала проблеми околу излезеноста на референдумот и била свесна дека има проблеми со избирачките списоци, таа сепак јасно укажала колку и е важен овој договор и овој референдум, со тоа што високи политички фигури ја посетија земјата во текот на кампањата.
Балфур смета дека во Македонија не било „целосно сфатено“ историското значење на овој договор кој треба да биде излез од „статус-квото“ во кое е „заглавена Македонија од 2005“.
Освен можна дестабилизација или влошување на состојбите во земјата, евентуалниот неуспех на договорот може да има импликации и за регионот, предупредува Балфур.
– Не треба да ја гледаме Македонија само во контекст на Македонија, туку во поширок контекст. Ако етничките Албанци се почувствуваат отуѓено поради влошување на политичкиот контекст, ако дијалогот меѓу Србија и Косово се поткопа поради политички опортунисти, а знаеме дека ги има во регионот, ова може да доведе до дестабилизација – вели таа.
Балфур посочува дека не сака да предвидува катастрофални сценарија, но оти во сегашната состојба ризикот не е исклучен.
Топката сега, вели таа, е кај Собранието и дека и покрај ниската излезеност огромното мнозинство гласале за договорот.
– Македонскиот договор може да биде многу добар пример за другите во регионот, за начинот како долги и тешки спорови можат да се решат со добра волја. Една отвореност кон промена на старите пракси. Жално е што не привлече повеќе внимание од страна на населението. Но, секако тие кои излегоа да гласаат, гласаа во огромно мнозинство за договорот – вели Балфур.
Според неа тешко е да се каже дали меѓународната заедница можела повеќе да стори во текот на кампањата за да помогне да помине референдумот. Таа смета дека е тешко да се најде вистнинската рамнотежа во вакви случаи, бидејќи ако се ангажирала повеќе меѓународната заедница можела и да биде обвинета дека се меша во внатрешните работи.