Кога пропадна социјалистичкиот политички систем, балканските народи продолжија онаму, каде што беа застанале пред инсталирањето на социјализмот: на крајот на нивните недовршени „балкански херојски наративи, пишува Кица Колбе во својата колумна за Дојче Веле.

Во Западна Европа комисиите за проверка на учебниците беа  резултат на критичката свест за улогата на индоктринацијата во  настанувањето на воените конфликти. Затоа може со право да се каже дека желбата за „промена на парадигмата” во  однос на улогата на учебниците во воспитувањето на децата и младинците, во Западна Европа  вистински се роди дури во урнатините  што ги оставија зад себе стравотните војни во дваесеттиот век. Тоа сознание соодветствуваше и со желбата на неколку  водечки политички личности во Западна Европа да се создадат предуслови за една нова европска обединувачка идеја. Визијата на европското обединување беше моторот не само за политичките процеси на демократизација, туку и за темелните промени во  воспитанието и образованието.

Насоките и препораките за промената на сликата за Другиот, за соседниот народ, но и за критичкото промислување на сликата на сопствениот народ и историја, беа задача токму на „комисиите за учебниците“. Во повоена Западна Германија, тие комисии  беа основани по иницијатива на Сојузниците. Така во 1949-тата се одржа првата средба на британско-германски научници во Брауншвајг. Само една година подоцна се одржа и првата средба на француски и германски историчари. Затоа што веќе постоеше политички консензус за новата европска идеја, токму тие теми стоеја во центарот на вниманието на првите средби на овие комисии. Темите кои беа уште деликатни за дебата, затоа што ќе предизвикаа жестоки контроверзи, на почетокот не беа рзгледувани, туку беа оставени за подоцна. Истото беше и со темите кои во историскиот наратив на соседниот народ долго време биле табуизирани. Се разбира, такви се најголемиот број од темите поврзани со воените злострорства, окупацијата и колабораторството и, се разбира, Холокаустот.

Особено во работата на комисиите  за проверка на учебниците меѓу земји кои припаѓаат на два различни политички  сојузи, како што беше во случајот на  СР Германија и Полска, постоеја теми кои мораа да се разгледуваат со многу претпазливост и со мудрост, знаејќи дека уште не е дојден  поволниот  политички контекст за нивното проблематизирање. Германско-полската комисија беше формирана 1972-та како соработка на комисиите на двете земји во УНЕСКО. Нејзината работа започна само две години откако 1970 владата на Вили Брант го потпиша договорот за нормализација на односите  меѓу Полска и Германија. Уште по  првата средба беа објавени препораките на мешовитата комисија, кои наидоа на одбивање и критика од конзервативните кругови. Кога 1976-тата  во двете земји беше објавен опширен извештај за работата на комисијата, дојде до бурни полемики, затоа што, на пример, во нив не се употребуваше поимот „протерување” за германското население кое, по Втората светска војна, советските трупи го протераа од поранешните германски покраини. Тие покраини оттогаш и‘ припаѓаат на Полска. Во објавените  извештаи за тие прашања почесто се употребуваа поимите „евакуација”, „присилно раселување” или „бегство”. Од друга страна, затоа што Полска беше во Варшавскиот пакт,  долго не смееше да се спомене германско-советскиот пакт за ненапаѓање, потпишан од Хитлер и Сталин, односно од Рибентроп и Молотов. Затоа што бил голем стравот дека Советскиот сојуз може  да реагира жестоко, со што ќе  беше загрозена понатамошната работа на комисијата. Токму затоа тој настан не се споменувал во дебатите. Поради истата причина не беше разгледуван и еден друг истириски настан. Масакрот во Катин, каде што беа стрелани  1940 полски офицери. Се‘ до 1990-тата во полската историографија вината за масакрот им се припишуваше на Германците. Дури по пресвртот 1989-тата можеше да се говори без политички ограничувања и за тој  настан. Имено, дека полските офицери ги ликвидираше советскиот НКВД. Дури по 1990-та германско-полската комисија можеше да се насочи на темелната подготовка на учебниците. Во 2006-тата, кога беше објавен првиот заеднички германско-француски учебник по историја,  започна и работата на заеднички германско-полски учебник.  Објавен беше дури по десет години – 2016-тата! Обединувачката тема беше токму европската димензија, затоа што учебникот има наслов: „Европа – нашата историја”. Неговата содржина е идентична, објавена на полски и на германски. Во учебникот се претставени различните историски искуства на различните европски народи, често во однос на ист историски настан. Подготовката на учебникот ја координираше познатиот Георг-Екерт-Институт  во Брауншвајг. Според подготвувачите на учебникот, политичарите од двете земји не се мешале во конципирањето на учебникот.

Како тогаш, непосредно по Втората светска војна, така и денес, работата на комисиите во Западна  и Средна Европа се темели врз  принципот на мултиперспекртивност. Со тоа да избегнува едностраната национална слика во учебниците.Учебниците отсекогаш беа и уште се орудијата за национално виспитување. Тие се темелот врз кој се создава  секоја нација. Тоа сознание не само што го разобличува  ригидното тврдење на националистичките наративи, дека националното чувство постои од „памтивек”, туку го дава и темелот за поинакво историско образование. Такво образование, кое со мултиперспективноста, со објективното, идеолошки и национално  неутралното предавање на историските случувања и факти, нема повеќе да индоктринира, туку ќе  остава простор за критичко мислење. Токму со прикажувањето на многуте аспекти и различните толкувања на два соседни народа или културни заедници на еден ист настан или на една иста историска личност. Тоа значи, учебниците  можат да индоктринираат во милитантен дух, но исто толку и да   сугерираат мирољубивост и толерантност. Тоа, пак, говори дека учебниците не се само  обични воспитни помагала. Затоа што тие се секогаш поставени во поширок  политички и идеолошки контекст. Се работи за тоа  која парадигма сака да ја следи политичката  и научната елита на една држава. Впрочем, секое образование индоктринира – во буквалната и во преносната слисла. Тоа ни‘ пренесува знаења и учења – доктрини. Клучно е какви се тие учења и содржини.

За разлика од Западна Европа, каде првите иницијативи за проверка и промена на учебниците потекнуваат уште од времето по Првата светска војна, како резултат на активностите на поединци и здруженија кои  беа свесни за погубната улога на индоктринацијата во настанувањето на национализмот, антисемитизмот, нетрпението  и непријателството меѓу соседните народи, кои резултираа во војни и разорувања,  на Балканот сопстојбата и денес е сосем поинаква. И по Првата и по Втората светска војна, балканските народи не реагираа со свесна демистификација на милитантниот етос. Во социјализмот, тој етос беше преобразен во хероизмот на борбите за слобода. Историските наративи во социјалистичките општества  на Балканот, но и во Советскиот сојуз беа  херојски национални приказни. Дури и во полибералните политички системи, како оној во Југославија, политичките наративи беа секогаш приказна за  херојското раѓање на нацијата, на народот, на работничката класа. Во херојската социјалистичка реторика војната не можеше докрај да се  проблематизира како најголемо зло на човештвото. Предметот општонародна одбрана, во кој ги учевме не само  доктрините на војните, туку и стратегиите на одбрана од непријателот (кој секогаш беше соседната земја!) за нас тогаш, во Југославија, беше смешен. Тој, сепак, ја одразуваше глорификацијата на војната како херојска борба за слобода. Тоа станува уште појасно од сегашната критичка дистанца, особено со оглед на војните во кои заврши распаѓањето на Југославија. Наративот на „Братството и единството”, како државна идеологија, пропадна во тој миг кога се распада надворешната државна рамка. Како поинаку може да се објаснат постјугословенските војни?

Имено, кога пропадна социјалистичкиот политички систем, балканските народи продолжија онаму, каде што беа застанале пред  инсталирањето на социјализмот. На крајот на нивните недовршени „балкански херојски наративи“, кои, најчесто, беа недовршени сонови за  голема еднонационална држава. Балканските народи уште се затворени како во гета во своите национални историски и културни наративи. Состојбата не е променета ниту по проширувањето на ЕУ во најголемиот дел од некогашните социјалистички, балкански земји. И токму во таков политички и културен контекст се обидува ЕУ да посредува со своето искуство на комисиите за учебниците! Јасно е дека без авторитетот на ЕУ ниту Бугарија, ниту Грција немаше да прифатат  мешовити комисии за учебниците по историја со македонските научници. Исто како што е многу веројатно дека без „посредување” однадвор, балканските народи никогаш не би биле подготвени за компромис, а  уште помалку за „договор за пријателство”. Тие и денес целта на договорите не ја разбираат како  факт на прифаќање на својот сосед во сета негова особеност и идентитет. Туку како трампа и уцена, како условување и притисок – се‘ во склад со прочуениот балкански ситнотрговски менталитет!

Доколку сакаат да  научат нешто од долгогодишната напорна, сложена, но успешна работа на европските комисии за учебниците, балканските политичари и историчари треба да сфатат дека комисиите немаат задача да расправаат за националноста, за националното чувство или за националниот идентитет на исторските личности. Во контекстот на европската традиција на комисиите за учебниците е незамислив спор од типот „што бил по нација Гоце Делчев?”. Зошто балканските народи, дури и кога  нивните  држави се членки на ЕУ,  уште жестоко се борат да докажуваат кој бил Бугарин или Грк? И тоа во историски периоди кога  урнеците на лична идентификација биле менливи  или определени од  контексти различни од  модерната нација? Се чини дека тоа е затоа што во долг период сите овие народи се наоѓале во политички контексти, кога историјата или се табуизирала или и‘ служела на  „националната кауза”. На пример, по Граѓанската војна, но особено во времето на воениот режим, во Грција биле табуизирани тие настани. Секако, и во социјалистичка Бугарија било табуизирано сојузништвото на бугарската држава во Третиот Рајх. Како што и во југословенските учебници имаше табуизирани теми. Затоа, пак, насекаде на Балканот историјата ја  култивирана улогата на жртва – секогаш само за сопствениот народ. Таа улога, пак,  спречува сериозно и критичко соочување со сопственото минато. На Балканот има многу малку народи кои во минатото не биле, во различни периоди, и жртва и џелат. Меѓутоа, националните историски наративи на сите балкански народи немаат „црни дамки” – тие се црно-бели. Лошите, крвожедните, варварските се секогаш другите балкански народи. Притоа станува јасно дека балканските народи уште се фиксирани за ригидните, фанатични  национални наративи затоа што по пропаста на социјализмот тие немаат друга парадигма на припадност. Единстеванта обединувачка константа на Балканот уште е нацијата. Културата како идентификација и создавањето на тоа што во Германија се нарекува „Kulturnation”, имено, припадност која се определува според одредено особено културално паметење,  на Балканот е уште непозната. А, всушност, реално сите нас не не‘ обликува некој апстрактен поим – како нација или идентитет – туку едно културално паметење. Тоа  не е само пишаната историја, туку и оралната, како предание, како традиција. Како и обичаите, фолклорот, ритамот на животот, уметноста, музиката, филмот, литературата.Секако, и менталитетот и сензибилитетот, начинот на животот, културата на паметење,  ритуалите. Тие нешта многу повеќе ги поврзуваат балканските народи во нешто што би можело да се нарече балкански културен идентитет. Факт е дека на Балканот е најтешко да се промени менталитетот. Тој очигледно е неговиот најсилен идентитет. Тој, пак, може да стане – од неволја – предност. Ако помогне да се надминат  негативните стреотипи за Другиот. Ако им  дозволи на Балканците да сфатат дека имало времиња кога на таа територија постоеле мултикултурни цивилизации. Токму тие ги оставиле најдрагоцените историски  и културни сведоштва.

Зошто на Балканот обединувачката европска идеја се смета само како политичка цел, но не и како културно-национална парадигма и идентитет? Затоа што Балканците уште не се препознаваат себе си во Европјеците. Можеби е полезно и мудро, мешовитите комисии прво да расправаат за европските вредности  во балканската историја. Или, најнапред, да се занимаваат со  историјата на Европа. Оти тоа би бил неутрален терен, на кој би имале можност подобро да се запознаат. За да можат еден ден да  разговараат критички и објективно за сите „деликантни” теми, кои денес повеќе ги разединуваат отколку што ги приближуваат. Таква тема е националното чувство на личностите од минатото. Таа на Балканот е уште опасно минско поле.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.