Доселувањето на мигранти е најзначајниот фактор што влијае на порастот на населението во ЕУ. Без доселувањето и приливот на нови мигранти се проценува дека населението на Унијата би било помало за 100 милиони жители по 60 години.
Податоците за демографските движења во Европа се загрижувачки од повеќе аспекти. Посебно кога станува збор за регионалните процеси. Од поголемите европски земји Шведска во 2017 година имала најголем пораст на населението – 1,24 проценти. По Малта и Луксембург тоа е всушност трет најголем пораст во рамки на ЕУ, покажуваат најновите податоци од Евростат објавени деновиве. Извесен помал пораст на населението бележат и повеќе други западноевропски земји-членки, додека во повеќето источноевропски, и во балканските земји, лани е регистриран забележителен пад на населението – најмногу во Литванија, каде што намалувањето на населението минатата година завршило со минусно салдо од околу 1,40 проценти, како и во Хрватска со минус 1,20 проценти. Трендот на депопулација лани продолжил и во Грција, Романија и Бугарија.
Интересни се податоците што покажуваат колку населението во ЕУ-членките просечно се зголемувало или намалувало годишно во периодот од 2000-2017 година, пресметано врз основа на податоците за миграциите и разликата меѓу бројот на родени и умрени. Доколку се исклучат малите земји Луксембург, Кипар и Малта, најголем пораст во споменатиот период имале Ирска, Шпанија и Шведска. Напоредно на тоа е присутен очигледен негативен тренд на демографско опаѓање во повеќе ЕУ-членки, најмногу во Литванија и Летонија каде што населението во просек се намалувало за преку еден процент годишно. Во негативната зона на долгорочен негативен природен прираст, почнувајќи од 2000 година па наваму, јасно се присутни и Грција, Полска, Унгарија, Хрватска, Естонија, Романија и Бугарија. Зависно од големината на земјите, тоа отприлика значи дека секоја година кај нив исчезнува по еден град во големина од 50 до 100 илјади жители.
Анализите во секој случај покажуваат дека миграциските движења се најважното објаснување кога станува збор за порастот на населението во одделни ЕУ-членки, што отприлика е слично со податоците што се однесуваат на ЕУ во целина, а според кои порастот на мигранти во периодот 2000-2017 бил пет пати поголем од бројките што произлегуваат од разликата на родени и умрени. Но, не и кога станува збор за споменатите балкански земји, во кои вкупната промена на населението постојано е означена со минус.
Евростат води и статистика во однос на демографските процеси на регионално ниво во Европа, вклучувајќи ги и регионите во одделни земји. Одливот на населението од поранешните комунистички источноевропски земји јасно се забележува, на пример, и на внатрешен план во Германија, каде што намалувањето на бројот на жители покажува тенденции на пораст во регионите што порано биле во составот на Источна Германија.
Со актуелните податоци за регионалните разлики на ниво на одделни земји, со испитувањата на Евростат е опфатена и Македонија, при што се наведува дека од осумте македонски региони во периодот од 2000-2016 година е забележан позитивен прираст на населението меѓу 0,35 и 0,75 проценти во Полошкиот, Североисточниот, Скопскиот и Вардарскиот регион, додека во Југозападниот, Југоисточниот, Пелагонскиот и Источниот е присутен негативен прираст меѓу нула и 0,9 проценти. Во однос, пак, на иселувањето речиси сите македонски региони во периодот 2000-2016 година бележат минусно салдо. Единтсвено Вардарскиот регион бележи позитивна нето миграција од 0,73 проценти во споменатиот период.
Евростат прави и една интересна прогноза. Доколку во ЕУ целосно би биле запрени миграциите однадвор, населението во периодот од 2018-2080 година би се намалило на 408 милиони жители, значи, за околу 100 милиони помалку од бројот на жители што моментно живеат на подрачјето на Унијата. Под такви претпоставки би се намалило населението во речиси сите земји-членки. Според најцрното сценарио, Германија, Италија и Грција би изгубиле над 35 проценти од своето население, а Бугарија и Хрватска околу 30 проценти. Словенија околу 27 проценти. За Македонија, иако не се дадени такви прогнози, според општите демографски тенденции во регионот, тешко би можел да се очекува барем минимален зрак на некаква оптимистичка светлина.
Миграциите кон ЕУ се несомнено главниот придонес што внесува динамика и ги засилува позитивните демографски показатели. Но, едновремено најтешкиот камен на сопнување, што во изминатите години континуирано ги заострува тензиите и разидувањата меѓу ЕУ-лидерите, се токму мигрантите, односно мигрантската криза.
Многумина сметаат дека Европа треба и понатаму да ја оправдува својата традиција и да продолжи да прифаќа бегалци. Но и дека мора, сега многу повеќе отколку што тоа беше случај порано, да бара решение за зголемениот прилив на економски мигранти. Франција се подготвува да предложи одржување на самиот меѓу ЕУ и земјите на Југот, од каде што доаѓаат и низ кои што поминуваат мигрантите. Грчкиот еврокомесар задолжен за Миграција, Аврамопулос, изразува подготвеност за дискусија околу сите предлози, но вели дека досега ниту една земја надвор од ЕУ не прифаќа азилантски логори или транзитни мигрантски центри на своја територија.
За очекување е дека околу мигрантското прашање и во наредниот период ќе продолжат да се кршат копјата со несмален интензитет. И тоа токму како прашање за кое многумина се понагласено се залагаат да го блокираат и отстранат од дневниот ред на европската соработка. Како да станува збор за нешто што нема, или што не би требало да има суштествено влијание на идниот развој на ЕУ, и на нејзината – големина.