Балканот масовно се иселува, но не сака мигранти

Индикативна е изјавата на францускиот амбасадор Тимоние, кој укажува дека треба да се најдат начини како да се запре заминувањето на младите, но и предупредува дека „Европската унија не сака да интегрира земја која е празна“.

1181

„За мојата генерација иселувањето не претставува никаков избор, тоа е нешто што се подразбира“. Ова во една шведска телевизиска репортажа од Грција го вели млада високообразована Гркинка, која посетува настава по шведски јазик во Атина со цел да бара работа во Скандинавија.

Повеќе од 400.000 Грци, пред сѐ, млади и образовани луѓе, емигрирале од земјата во последните години, според извештај од Грчката централна банка. Вкупно земено, станува збор за околу четири проценти од грчкото население. Грците, како и народите од поранешна Југославија, масовно се иселувале и во минатото, во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век, кога се вработувале во фабрики во Германија, Белгија, Шведска и во други западноевропски земји. Но во тој период главно се иселувала нискоквалификувана работна сила, додека сега главно емигрира високообразованата генерација, која во нормални услови би требало да претставува иднина на земјата.

Според испитувањата на Евробарометар, 63 отсто од Грците и Унгарците, и 52 отсто од Бугарите, сметаат дека доселувањето на мигранти во нивните земји претставува проблем, за разлика, на пример, од Шведска и Холандија, каде што 19 односно 26 отсто од населението имаат негативен став кон мигрантите и нивното влијание на состојбите во општеството.

И според едно друго истражување, направено пред извесно време од страна вашингтонската агенција „Пју рисрч“, граѓаните на Грција и Унгарија се најнегативни во Европа кон доселувањето, при што 82 отсто од анкетираните Грци и 72 отсто од Унгарците што учествувале во испитувањето се изјасниле дека нивните земји би требало да примаат помалку мигранти, или пак воопшто да не примаат доселеници.

Но интересно е дека во овие земји граѓаните едновремено сметаат дека иселувањето на нивни сонародници претставува мошне голем проблем. Со такво мислење се дури 89 отсто од анкетираните Грци и 80 отсто од унгарските испитаници.

Ислеувањето на работоспособното население од помладите генерации е процес кој во последните години незапирливо се интензивира од сите балкански земји, без исклучок.

Всушност, во повеќето источноевропски земји лани е регистриран забележителен пад на населението – најмногу во Литванија, каде што намалувањето на населението минатата година завршило со минусно салдо од околу 1,40 проценти, како и во Хрватска со минус 1,20 проценти. Трендот на депопулација лани продолжил и во Грција, Романија и во Бугарија.

Интересни се и податоците што покажуваат колку населението во ЕУ-членките просечно се зголемувало или намалувало годишно во периодот од 2000-2017 година, пресметано врз основа на податоците за миграциите и разликата меѓу бројот на родени и умрени. Доколку се исклучат малите земји Луксембург, Кипар и Малта, најголем пораст во споменатиот период имале Ирска, Шпанија и Шведска. Напоредно на тоа е присутен очигледен негативен тренд на демографско опаѓање во повеќе ЕУ-членки. Во негативната зона на долгорочен негативен природен прираст, почнувајќи од 2000 година па наваму, јасно се присутни и Грција, Полска, Унгарија, Хрватска, Естонија, Романија и Бугарија. Зависно од големината на земјите, тоа отприлика значи дека секоја година кај нив исчезнува по еден град во големина од 50 до 100 илјади жители.

Анализите во секој случај покажуваат дека миграциските движења се најважното објаснување кога станува збор за порастот на населнието во одделни ЕУ-членки, што отприлика е слично со податоците што се однесуваат на ЕУ во целина, а според кои порастот на мигранти во периодот 2000-2017 бил пет пати поголем од бројките што произлегуваат од разликата на родени и умрени. Но не и кога станува збор за балканските земји, во кои вкупната промена на населението постојано бележи минус.

Што се однесува до Македонија, демографските движења, означени со „одлив на мозоци“ и забрзана депопулација, се крајно загрижувачки. Фрапантно звучат податоците, иако и не се сосема изненадувачки, дека дури 77 отсто од младите кои живеат во Македонија размислуваат да се иселат, пред сѐ, во земјите членки на ЕУ. Причините за тоа, според истражувањето на Центарот за истражување и креирање политики, ги наоѓаат во лошиот квалитет на живот во земјата.

Често се изнесува уверување дека членството во ЕУ ќе го запре иселувањето на младите. Но реалноста ги демантира таквите тврдења. Бројките што го покажуваат иселувањето на жителите на ЕУ во потрага по работа и подобар живот во други земји-членки, е во постојан пораст. На врвот на табелата убедливо се издвојува Романија со речиси 20 проценти од работоспосбното население што ја напуштило земјата. 14 проценти од граѓаните на Хрватска и 12,5 проценти од граѓаните на Бугарија на возраст од 20 до 64 години лани биле регистрирани како жители во други земји-членки на ЕУ.

Во тој контекст, индикативна е изјавата на францускиот амбасадор Тимоние, кој укажува дека треба да се најдат начини како да се запре заминувањето на младите, но и предупредува дека „Европската унија не сака да интегрира земја која е празна“.

Иселувањето секако нема да запре, иако како процес тоа само по себе не би требало единствено да се третира како проблем. Но соочувањето со предизвиците што ги наметнува во однос на општествениот развој, ќе биде далеку посложено и покомпликувано доколку не биде издигнато на ниво на врвен императив.

Во ЕУ се интегрираат држави, не само со својата географија и историја, туку пред сè со образовани и општествено свесни луѓе кои се упатени и чекорат кон – иднината.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...