Балканот кон Европа – со поглед кон минатото

„Живееме во време кое се чини е вљубено во минатото“, забележува Зигмунт Бауман во својата последна книга, постхумно објавена лани, „Ретротопија“.

211

Комисиските дебати за корекции од кои треба да произлезе „поправилно“ поимање на историските настани, личности и процеси, на заедничките историски допирни точки, како и реперкусиите од таквиот пристап во Македонија и кај соседите, кај дел од јавноста се доживува како изнуден обид за соочување со минатото. Засега останува недоволно јасно колку се можни прифатливи решенија што значително ќе влијаат и ќе ја променат општата перцепција околу историогарфските толкувања и факти.

Перцепцијата на минатото, поблиско или подалечно, е мошне сложено прашање и сосема е јасно дека не може да се согледува единствено низ црно-бела призма. На пример, тоа што Фрањо Туѓман постоењето на Југославија како историска епизода го нарекува „темница на народите“, или што многумина во ВМРО-ДПМНЕ, поаѓајќи од тврди антикомунистички позиции ги негираат и игнорираат постигнувањата во Социјалистичка Република Македонија, не значи дека претставува пристап кој нуди објективни „историски факти“, што влијаат на масовно освестување и правилно перцепирање на историските состојби низ кои минале народите во поранешната југословенска држава. Токму затоа, оние што мислат поинаку често стануваат предмет на кампањи за оцрнување, шиканирање и омаловажувања, при што во најдобар случај, доколку не се употребуваат тешки погрдни зборови, се нарекуваат – југоносталгичари. Каква историска комисија би можела да биде формирана во овој контекст, со цел да се обиде да понуди прифатливи решенија во однос на историската перцепција во државите што произлегоа од распаѓањето на Југославија, е крупно прашање.

Поглед кон минатото се прекршува низ различни агли. „Живееме во време кое се чини е вљубено во минатото“, забележува Зигмунт Бауман во својата последна книга, постхумно објавена лани, „Ретротопија“. Минато во кое живеењето било поедноставно, улогите појасни, а светот посогледлив и похомоген. Незгодата, се разбира, е во тоа што такво минато никогаш не постоело, туку е слободнa, иако не и апсолутно невина конструкција.

Баумановата ретротопија е сон за иднината кој е во бегство кон историјата. Всушност, сите посегања кон вчера, денес или утре, во основа нудат лажна перспектива. Конструирани слики од минатото им даваат боја на денешните политички разговори и сфаќања. Политичките струења, не само на Балканот, туку и многу пошироко, често, и без двоумење, го вртат погледот кон минатото, низ една мешавина од копнеж по вчерашното и селективна носталгија.

За многумина иднината е исполнета со неизвесност, се доживува како надвисната катастрофа. Поентата на Бауман е дека структурните поместувања и промени – социјални, економски и културни – го заматуваат утрешниот хоризонт. Некои критичари сметаат дека појдовна точка во „Ретротопија“ е човечкиот копнеж по воспоставување на редот, односно етаблирање на контрола во хаосот. А можеби и така, бидејќи доколку се чувствуваме како “пиони на нечија туѓа шаховска табла“, претставите за иднината ќе бидат несфатливи.

Бауман, всушност, гледа на новата епоха како на ренесанса на племенско општество. Државите наликуваат на „големи соседства, ограничени одвнатре само со нејасно повлечени, порозни и бесмислено утврдени граници“. Модерниот копнеж по независност е сменет со потрага по припадност и наклонетост.

Токму во тој контекст би можело да се разбере на каков начин се преплетуваат ретротопијата и национализмот, но истовремено и похрабро и бескомпромисно да се оспори национализмот, пред тој да ги задуши сите сегменти на општетствениот живот.

Национализмот во перспектива претставува невозможна човечка заедница, или како што бракот меѓу државата и нацијата би можел да се опише како „историска привременост“. Поентата е дека не постои ниту нешто природно, ниту пак нешто кон што треба да се тежнее, за општеството да се организира според конструирани националности. Историјата јасно покажува зошто е тоа така. Национализмот сее раздор меѓу луѓето со главно исти интереси, а принципот на исклучување секогаш води кон насилни последици.

Како што демократијата се освојува во рамки на државите, нарочно во национални држави, демократските идеи мора да бидат остварени вон границите. Заедничките проблеми едноставно бараат заеднички решенија. Но за да се прекине пропаѓањето во просторите на ретротопијата и национализмот, неопходно е да се создадат можности со кои ќе се комбинираат идните ветувања со одговор за сигурноста и заедништвото денес. Дури тогаш привлечната сила на демократијата може да вибрира со оптимизам, наместо со деструктивност.

Ангела Меркел смета дека толеранцијата е душата на Европа, која е предизвикана од мрачни сили какви што се „национализмот и егоизмот“. Европска иднина се заложбите за заеднички вредности, како и заложбите за толераниција и солидарност.

Секако дека во тие рамки треба да се вклучи и регионот на Западен Балкан, како природен дел од Европа, чија демократизација ја засилува не само регионалната, туку и европската стабилност. И за кој, без оглед на противречностите во напорите за формулирање на идните визии и оние кои влечат кон историски корекции, се очекува да придонесе кон толеранција и помирување.

Значи, придонес кон детоксикација и заздравување на европската душа, а не кон натамошно разгорување на – инфективните жаришта.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...