Баба и тригодишно дете се повредени синоќа на пешачки премин на булеварот Србија во населбата Аеродром во Скопје.
Во нив удрило комбе со велешки таблички. Бабата и детето веднаш биле пренесени во Ургентниот центар каде се борат за својот живот.
Возилото завршило во дрво кое се наоѓа во средина меѓу двете насоки на булеварот и го преполовило.
Очевидци велат дека детето го ваделе од под автомобилот. Бабата била реанимирана на самото место, а дедото со тупаници се удирал по главата и лелекал.
Граѓаните апелираат да се постават семафори на овој пешачки премин, каде често поминуваат деца, а досега за тоа биле напишани и неколку петиции.
Еве што за овој случај пишуваат жителите од општина Аеродром на социјалните мрежи.
„Господине Марин (градоначалник на Аеродром), пред 10-на минути, на булеварот Србија, на пешачкиот премин пред полициската станица, беа „собрани”, со брзината на светлината, баба, дедо и нивното внуче. Детето го вадевме од под автомобилот. Бабата повредена, ја реанимираа на лице место. Детето го однесоа со брза помош веднаш после бабата. Дедото, во бесознание, со тупаници, се удираше по главата и лелекаше. Ве молам, заземете се веднаш, да поставите семафори на тој пешачки премин. Растојанието, од едните до другите семафори, е големо. Да се премине пешачкиот премин на тоа место, е еднакво на добивка 7-ца на Лото. Многу деца, одат на училиште од другата страна на булеварот, кон Аеродром, и обратно. Се надевам, дека сериозно ќе го разгледате овој предлог, и ќе го ставите на листата со приоритети. Благодарам“.