Станува по малку заморно, а и мачно, да се гледа напорот на Заев да обезбеди десетина опозициски пратеници за да ја спаси евроатлантската иднина на Македонија. Се плашам дека тој труд ќе стане и политички контрапродуктивен: им се постила пред нозе на една, во суштина, бандитска структура на обвинети, но сè уште неосудени криминалци за тешки и најтешки кривични дела од десетина поглавја на Кривичниот закон, дозволувајќи им тие од неговите ракави да си го избришат секретот од нивните носеви (знаете на што мислам, нели) и уште да му порачаат од партиски говорници и од домашни притвори дека не е доволно што им се натртил, туку би било добро и малце повеќе лубрикант да стави, за кога ќе му го… И така натаму.
Би било пристојно од Заев да престане да го понижува големото мнозинство граѓани во Македонија кои му дадоа изборна поддршка на неговата сегашна владејачка коалиција, но на кои правната држава им е поважна од љубеното НАТО. Да, тоа е ставот што може да се прочита во кое било истражување на јавното мислење во Македонија во последните неколку години во врска со угледот на локалниве институции: „Дајте правда!“, врескаат податоците за дветретинска поддршка на СЈО, рејтинг за кој, со комбинирани и акумулирани скорови, Заев, Мицкоски, Ахмети, Иванов и Груевски можат да сонуваат до крајот на своите политички кариери, иако на некои тие им се бројат во месеци.
Ја пропуштив последната миса во мојата локална црква – што е приватен концепт кој го негувам во последните педесетина години – што е можеби причината што не го разбирам „христијанското“ лигавење на Заев од собраниската говорница за подадени раце, простувања, помирувања, вртења на другиот образ и слични наивни понуди кои опасно заличуваат на изигрување на двата клучни принципa според кои уставно е дефиниран граѓанскиот концепт на модерната македонска држава: секуларизмот и нејзината правна поставеност во која никој не може да биде над законот.
Подобро би било Заев да се помири со реалноста дека не само што нема доволно собраниски гласови за продолжување на Договорот од Преспа, туку и дека навистина постои „политичка цена“ – како што вели самиот – што не вреди да се плати за таквото квазимодо мнозинство да се состави. Не, не се работи за цената на неговата персонална политичка кариера – таа е подеднакво безначајна како и онаа на Мицкоски, на пример – туку за цената на морално-политичкото здравје на нацијата: македонските анти-западни, криминогени и шовинистички сили треба да бидат демократски ПОРАЗЕНИ – и на избори, но и на улица, ако е неопходно! – а не да бидат КОРУПТИВНО КООПТИРАНИ во овој процес на интеграција во цивилизираниот свет. Тоа им го кажувавме в лице и кога беа на врвот на својата моќ, а не па сега!?
Таа цивилизациска магистрала води низ правната држава, а не по козјите патеки на гнилите дилови во македонското политичко подземје.
Затоа, велам, би било добро Заев да излезе од улогата на директор на здружението „Лекари без граници“ и да се врати во улогата на актуелен премиер на Македонија. Ако го нема потребното мнозинство во Собранието, жалиме, но батали, таа историска можност за евро-атлантски интеграции, не по негова вина, е пропуштена.
Но, следното најдобро нешто на понуда е функционална правна држава. И тоа не како можност, туку, сега веќе, како животна неопходност за една Македонија вон ЕУ и НАТО. Тоа може и по пат на предвремени избори, а и не мора. Имате мандат, одработете го, за да заслужите нов.
Извор: Цивил медиа