А да се секираме ние малку повеќе за македонскиот јазик, одошто за тезите на бугарските академици?

Наместо да се исцрпуваат во бесполезните спорови со Софија, нашите академици и воопшто, целата академска заедница, треба високо да го кренат гласот во одбрана на македонскиот јазик. Ама - од нас самите, од нашата фатална негрижа за него!

6878

Пред некој ден, за време на еден интензивен и многу полезен престој на група новинари од Источна Европа во Дојче Веле во Бон, еден мој колега од Молдавија ме праша дали е точно дека македонскиот и бугарскиот јазик биле многу блиски, практично идентични. Ако добро разбрав, таму, во неговата земја, има нагласен тренд романскиот јазик што го говорат (малку видоизменет и „русифициран“, ако така може да се каже) да се идентификува како молдавски јазик. Тој спор, признавам, не го следам и не го разбирам. Но, човекот ми кажа дека еден од аргументите во дебатата е тврдењето дека македонскиот и бугарскиот јазик биле „исти“.

Му одговорив искрено. Да, македонскиот и бугарскиот јазик се многу слични, затоа што потекнуваат од старословенскиот јазик, но не се „исти“. И во структурата на јазикот, македонскиот и бугарскиот се слични, аналитички (граматичките односи се искажуваат по синтаксен пат, односно преку употреба на слободни морфеми кои функционираат како одделни зборови). Наспроти оваа аналитичка деклинација како една од главните особености на нашиот јазик, во српскиот јазик има падежи, што е многу значајна разлика.

Па сепак, му велам на колегата, јас одлично го познавам српскиот јазик (поточно, некогашниот српско-хрватски јазик), а во последниве години секогаш се трудам со моите пријатели Бугари да говорам бугарски, онака од задоволство. На српски јазик сум пишувал и сѐ уште можам да пишувам одлично (иако и јас често се „мечувам“ со падежите), но на бугарски не умеам да пишувам. Така е и со најголемиот број Македонци. Бугарите и бугарскиот јазик ни се блиски, но сепак сѐ уште подалечни од Србите, од српскиот јазик, од српското културно творештво.

За сѐ е виновна – или заслужна, според некои разбирања – челичната завеса меѓу Истокот и Западот, која спречи Македонците и Бугарите после Втората светска војна, па сѐ до падот на таа пуста бариера, значи половина век, меѓу себе да разменуваат културни вредности. Ние речиси ништо не знаевме (сѐ уште не знаеме) за бугарската литература, за бугарските весници, за бугарскиот филм, за тамошната уметност воопшто, за сето она што придонесува луѓето да се зближуваат меѓу себе и јазично да комуницираат. Срамота е да се каже, но сосема мал број академски образовани луѓе знаеја за еден Пејо Јаворов, на пример. Обратно од тоа, Македонија беше дел од единствениот југословенски културен простор – читавме српски и хрватски учебници, книги и весници, гледавме југословенска телевизија, слушавме југословенска музика, гледавме југословенски филмови и театарски претстави итн. Резултатот од тие околности е познат.

Што се однесува до софиските оспорувања на посебноста на македонскиот јазик и на македонската самобитност воопшто, тие се константа на официјалната бугарска историографија и јас навистина не гледам причина од преголеми возбудувања при секоја нова епизода. Историските факти се познати (сега се обидуваме да изградиме и малку „заедничка“ историја, што е добро), се знае генезата на македонскиот јазик, познато е и тоа кога и како е кодифициран, а најмногу од сѐ за вистината за нашиот јазик говори сегашноста.

Јас сум убеден дека покрај сите подеми и падови во односите меѓу Софија и Скопје, ние, Македонците и Бугарите, во иднина сѐ поретко ќе спориме околу ова прашање. Тој спор е изнасилен и нема никакво практично значење за двата пријателски народа. Обратно, би било убаво Софија да создаде можности дел од љубопитните Македонци да го изучуваат бугарскиот јазик, за да можат делата на современите бугарски писатели (како Господинов, на пример, чии преводи се популарни кај нас) да ги читаат во оригинал. Може навистина многу да се работи и да се сработи во размената на културни вредности меѓу двете земји.

Задачата што треба да си ја постават нашите академици, пак, е многу потешка. Наместо да се исцрпуваат во бесполезните спорови со Софија, нашите академици и воопшто, целата академска заедница, треба високо да го кренат гласот во одбрана на македонскиот јазик. Ама – од нас самите, од нашата фатална негрижа за него. Неодамна се изнесоа трагични факти за незаинтересираноста на младите луѓе во Македонија да го изучуваат македонскиот јазик на академско ниво. Постои реална опасност утре да се јави недостиг од наставници коишто на нашите деца и внуци ќе им го предаваат мајчиниот македонски јазик. Згора на тоа, на сите страни, во медиумите, во институциите, во секојдневниот говор, доминираат незнаењето на граматиката, една дрска доминација на локалните дијалекти (кои се драгоцени, но не им е место во официјалната комуникација), но и фатална неписменост.

Знам дека сме чувствителни кога нашите браќа Бугари ја оспоруваат нашата самобитност. И треба да бидеме чувствителни, да не се помируваме со тоа, но и да не претеруваме. Едно треба да ни биде јасно: софиските академици не се тие што ни го уништуваат нашиот посебен и прекрасен македонски јазик – не, тоа го правиме ние самите!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...