„Аџибадем Систина“ со работилница во ФФМ: Грижата за машкото здравје мора да е постојана

Кои кардиолошки проблеми може да ги има машката популација, колку е важно да се прават прегледи, но и како да се прават самопрегледи на тестисите заради превенција од појавата на ракот на тестисите, болест која погодува често и млада популација, беа дел од темите што се отворија

355

Тим доктори од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ја одржа првата од низата предвидени работилници, кои овој ноември ќе бидат одржани во домашни институции и компании, во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Во месецот кој е посветен на машкото здравје, низ дебата, отворања на дилемите и презентација на фактите предвидено е да се потенцираат ризиците за евентуалните заболувања кои ја погодуваат најмногу машката популација.

Оваа активност е продолжение на кампањата „Возврати силно“, која почна во октомври, а кога специјалисти од „Аџибадем Систина“ одржаа работилници кои во месецот што е за борба против ракот на дојка беа посветени на женското здравје.

На работилницата во ФФМ беа присутни членови на Академијата на Фудбалската федерација, вработени во федерацијата и активни фудбалери. Низ дебата тимот доктори од „Аџибадем Систина“ зборуваше за потребата од превентивни прегледи и самопрегледи кои секој маж треба да ги прави во текот на годината. На работилницата присуствуваа д-р Андреј Петров, дерматолог, д-р Жарко Христовски, кардиолог, и д-р Даниел Петровски, уролог.

Кои кардиолошки проблеми може да ги има машката популација, колку е важно да се прават прегледи, но и како да се прават самопрегледи на тестисите заради превенција од појавата на ракот на тестисите, болест која погодува често и млада популација, беа дел од темите што се отворија. Во време кога расте бројот на заболени од рак на простата на работилницата се зборуваше и за ризиците од оваа болест, но и кожните промени на телото кои можат да бидат знак и за сериозно заболување.

Како општествено одговорна компанија, „Аџибадем Систина“ на ваков начин дава придонес за јакнење на јавната свест за сериозните заболувања кои во одредена ризична возрасна група се појавуваат кај мажите.

Ноември е месец во кој мажите со пуштање мустаќи ја обележуваат важноста од свесноста за здравјето. Сепак и низ овие работилници се потенцира дека грижата за себе не треба да е само во текот на овој месец туку постојано.

„Аџибадем Систина“ ќе продолжи со вакви работилници во текот на целиот месец.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...